Белата куќа објави дека нема да поддржи какви било планови на Израел за големи воени операции во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, и истакна дека министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен, јасно ја изразил загриженоста на САД за таквите операции
Воениот одговор на Израел во Појасот Газа беше претеран, изјави синоќа американскиот претседател Џо Бајден на прес-конференција во Белата куќа.
„Исто така, навистина се залагам хуманитарната помош да стигне до Газа. Јас сум и за прекин на огнот за да се овозможи ослободување на заложниците. Сето ова мора да престане што е можно поскоро, има многу невини луѓе кои гладуваат, кои се во неволја и кои умираат“,
нагласи американскиот претседател.
Белата куќа објави дека нема да поддржи какви било планови на Израел за големи воени операции во Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа, и истакна дека министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен, јасно ја изразил загриженоста на САД за таквите операции. Израел овие денови силно го бомбардира Рафах.
„Секоја голема воена операција во Рафах во овој момент, под овие околности, со над еден милион или милион и пол Палестинци кои побарале засолниште во Рафах, без да ја земат предвид нивната безбедност, би била катастрофа. Ние не го поддржуваме тоа“,
изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху завчера ги отфрли барањата што палестинската екстремистичка група ги постави како одговор на предлогот за прекин на огнот, кој минатата недела дојде од катарските и египетските посредници поддржани од САД и Израел.
Хамас објави предлог кој вклучува четири и пол месечен прекин на огнот во Појасот Газа, во рамките на кој би биле ослободени сите заложници, а Израел да ги повлече своите војници од Појасот, со што би се отворил пат за постигнување договор за прекин на војната.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху експресно го отфрли предлогот, порачувајќи дека израелската воена офанзива во Газа ќе продолжи додека Израел не постигне, како што рече, апсолутна победа.
„Денот потоа е ден по Хамас. Цел Хамас“,
рече тој додавајќи дека целосна победа против Хамас е единственото решение за војната во Газа.
Според Нетанјаху, секаков договор со кој Хамас би добил целосна или делумна контрола врз Појасот Газа е неприфатлив за Израел.
Напорите за постигнување договор за прекин на огнот во Газа се случуваат додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен е на турнеја во регионот, негова петта по нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври лани, на кои Израел одговори жестоко и почна војна со милитантната група.