Ројтерс претходно објави дека администрацијата на Бајден размислува за испраќање АТАЦМС, кој има домет од 306 километри, во Украина. Системите АТАЦМС се дизајнирани за напади доста далеку од линијата на фронтот
Американскиот претседател Џо Бајден го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Вашингтон ќе му достави на Киев ракети АТАЦМС со долг дострел, објави Ен-би-си њуз, цитирајќи тројца американски претставници и член на Конгресот.
Киев долго време бара од администрацијата на Бајден воени тактички ракетни системи (АТАЦМС) за да ги напаѓаат и нарушуваат линиите за снабдување, воздушните бази и железничката мрежа на територијата окупирана од Русија.
Зеленски вчера го посети Вашингтон за да разговара со Бајден. По тој повод, САД најавија нов пакет воена помош за Киев во износ од 325 милиони долари. Но, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, на прес-конференција во четвртокот рече дека САД ќе ѝ испорачаат на Украина „важни“ системи за воздушна одбрана, но „засега“ не и ракети со долг дострел АТАЦМС што ги бара Киев.
Пентагон не одговори веднаш на барањето за коментар. Ројтерс претходно објави дека администрацијата на Бајден размислува за испраќање на АТАЦМС, кој има домет од 306 километри, во Украина. Системите АТАЦМС се дизајнирани за напади доста далеку од линијата на фронтот.
Бајден во четвртокот го увери Зеленски дека силната американска поддршка за одбивање на руските агресори ќе продолжи и покрај противењето на некои републикански пратеници кои не се сложуваат со испраќањето помош од милијарди долари.