Бајден за Си-ен-ен изјави дека заканите што доаѓаат од Русија може да резултираат со катастрофални грешки и погрешни пресметки, но тој не објасни како САД ќе одговорат доколку Путин започне со нуклеарни подготовки на украинското бојно поле
Американскиот претседател Џо Бајден во интервју за Си-ен-ен изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин е „рационален актер“ кој погрешно ја проценил својата способност да ја нападне Украина и да го потисне нејзиниот народ.

Минатата недела Бајден предупреди дека ризикот од „нуклеарен армагедон“ е најголем во последните 60 години.
Бајден за Си-ен-ен изјави дека заканите што доаѓаат од Русија може да резултираат со катастрофални „грешки“ и „погрешни пресметки“, но тој не објасни како САД ќе одговорат доколку Путин започне со нуклеарни подготовки на украинското бојно поле.
Дополнително, американскиот претседател рече дека Саудиска Арабија ќе ги сноси последиците откако најави намалување на производството на нафта во партнерство со Русија, што може да предизвика зголемување на цената на гасот.
Си-ен-ен објави дека Бајден разговарал со највисоките функционери во последниве месеци за можните потези што Путин би можел да ги направи бидејќи неговата војска го губи теренот во Украина. Бајден ги нарече целите на Путин во Украина смешни.
„Ако го слушате говорот што го одржа по одлуката за напад, ќе слушнете дека зборувал за целата идеја. Тој требаше да биде лидер на Русија што ќе ги обедини сите оние што го говорат рускиот јазик. Мислам дека тоа е ирационално“,
рече Бајден.
Тој додава дека целите на Путин не се рационални.
„Мислеше дека Украинците ќе го пречекаат со раширени раце, дека Киев е домот на мајка Русија. Тој целосно погрешно процени“,
додава Бајден.
Бајден прашан дали ќе се сретне со Путин на самитот на Г-20 во Индонезија, кој ќе се одржи следниот месец одговори дека тоа зависи од тоа за што ќе сака да разговара.
„Ако сака да зборува за затворената американска кошаркарка Бритни Гринер, јас ќе бидам отворен за разговор. Но, погледнете, Путин се однесува брутално. Изврши воени злосторства. Затоа, не гледам причина сега да се сретнам со него“,
додаде Бајден.
Бајден смета дека неодговорно е лидерот на една од најголемите нуклеарни сили во светот да вели дека може да користи нуклеарно оружје во Украина.
„Мислам, тоа би довело до ужасен исход. И не затоа што некој ќе го претвори во светска војна или нешто слично, туку штом ќе употребите нуклеарно оружје, грешките што може да се направат, погрешните пресметки… Кој знае што ќе се случи“,
рече Бајден.
Тој додава дека Путин не може неказнето да зборува за користење нуклеарно оружје како да е тоа нормална работа.
„Се прават грешки. И може да се случи погрешна пресметка. Никој не може да биде сигурен што ќе се случи“,
рече Бајден, одбивајќи да одговори како би изгледал американскиот одговор доколку Путин продолжи со нуклеарните закани.
Бајден во интервјуто вели дека е време да се преиспитаат односите меѓу САД и Саудиска Арабија, откако таа се здружи со Русија за да го намали производството на нафта. САД се обидоа да спречат таква одлука.
„Ќе има последици за она што Саудиска Арабија го направи со Русија“,
нагласува Бајден.