Откако Бајден за првпат го нарече Путин „воен злосторник“ се огласи и Русија. Според Кремљ, таквото етикетирање од страна на американскиот претседател е „непростливо“
Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека рускиот претседател Владимир Путин е „воен злосторник“ поради инвазијата што ја започна врз Украина.
Тоа е прва таква квалификација од Бајден за Путин откако Русија почна со инвазија врз Украина, а доаѓа откако претходно денеска американскиот Сенат усвои резолуција со која рускиот претседател се осудува како „воен злосторник“.
Бајден, исто така, го обвини рускиот претседател за „силно уништување во Украина“, бомбардирање згради, породилишта и болници.
Претходно, американскиот претседател најави дополнителна воена помош за Украина во износ од 800 милиони долари, која меѓу другото вклучува беспилотни летала, системи за противвоздушна одбрана „Стингер“, автоматски пушки, минофрлачи и муниција.
„Ќе и дадеме на Украина оружје за борба и одбрана во тешките денови што претстојат“,
рече Бајден.
Откако Бајден за првпат го нарече Путин „воен злосторник“ се огласи и Русија. Според Кремљ, таквото етикетирање од страна на американскиот претседател е „непростливо“.
Коментарот на Бајден дека Путин е „воен злосторник“ според Москва е „неприфатлива и непростлива реторика“, пренесе Би-би-си повикувајќи се на руската новинска агенција ТАСС.