Американскиот претседател во своето обраќање од Белата куќа призна дека настаните во Авганистта се одвиваат пребрзо од очекуваното, дека сцените се исклучително болни за ветераните и за оние кои во овие две децении биле во Авганистан, но дека нема да ја остави оваа одлука за повлекување од Авганистан на некој следен претседател, туку дека тој стои зад неа
Бајден призна дека имало и „многу грешки“ направени во Авганистан во текот на двете децении американско воено присуство
Ситуацијата во Авганистан брзо се развива и тимот за национална безбедност на Белата куќа внимателно ја следи на терен.
Вака американскиот претседател Џозеф Бајден го започна своето обраќање до нацијата во врска со настаните во Авганистан, кое со нетрпение се очекуваше во целиот свет.

Тој во говорот потсети како дојде до ваквата ситуација и кои се интересите на Америка во Авганистан. Притоа, рече дека американската мисија во Авганистан, која започна пред две децении, „никогаш не требало да биде создавање на нација“.
„Отидовме во Авганистан пред речиси 20 години со јасни цели: фатете ги оние што не нападнаа на 11 септември 2001 година и осигурајте се дека Ал Каеда не може да го искористи Авганистан како база од која повторно ќе не нападне. Ние го сторивме тоа. Ние сериозно ја деградиравме Ал Каеда во Авганистан. Ние никогаш не се откажавме од потрагата по Осама бин Ладен и го фативме. Тоа беше пред една деценија. Нашата мисија во Авганистан никогаш не требаше да биде создавање на нација“,
рече тој, додавајќи дека единствен витален национален интерес на САД во однос на Авганистан кој останува и денес е она што отсекогаш било, спречување терористички напад врз татковината.
Бајден понатаму зборуваше во одбрана на својата одлука за брзо повлекување на војниците од Авганистан, наведувајќи го договорот што неговиот претходник, Доналд Трамп, го склучи со Талибанците, како една од главните причини.
„Кога дојдов на функцијата, наследив договор кој претседателот Трамп го преговарал со Талибанците. Според овој договор, американските сили требаше да се повлечат од Авганистан до 1 мај 2021 година, нешто повеќе од три месеци откако ја презедов функцијата. Тој број веќе беше намален за време на администрацијата на Трамп од околу 55 500 американски сили на 2 500 војници во земјата. И Талибанците беа воено најсилни од 2001 година. Изборот што требаше да го направам како ваш претседател беше или да го исполнам тој договор или да бидам подготвен да се вратиме во борба против Талибанците среде пролетната сезона. Немаше да има прекин на огнот по 1 мај. Немаше договор за заштита на нашите сили по 1 мај. Немаше статус кво на стабилност без американски жртви по 1 мај. Имаше само сурова реалност – или да се следи договорот за повлекување на нашите сили или да се заостри конфликтот и да се испратат уште илјадници американски војници во војна во Авганистан, одлука за влез во третата деценија на конфликтот“,
рече Бајден во обраќањето од Белата куќа.
Авганистанците немаат волја да се борат за себе, зошто тогаш ние тоа би го правеле?
Призна дека ситуацијата се развила пребрзо, но исто така рече дека американските војници не можат и не треба да се борат во војна и да умираат во војна за која авганистанските сили не се подготвени да ја водат сами за себе.

„Потрошивме трилиони долари. Обучивме авганистанска воена сила од околу 300 000 луѓе, неверојатно добро опремени. Сила поголема од војската на многу наши сојузници од НАТО. Им ја дадовме секоја алатка што може да им биде потребна, плати, средства за одржување на нивните воздухопловни сили, нешто што Талибанците го немаат“,
продолжи тој.
Но, како што рече, авганистанските политички лидери се откажале и избегале од земјата.
„Ние им ја дадовме секоја шанса да ја трасираат сопствената иднина, но не можевме да им дадеме волја да се борат за таа иднина. Има некои многу храбри и способни авганистански војници во специјални единици, но ако Авганистан не е во состојба да пружи вистински отпор на Талибанците сега, нема шанси дека уште една година, уште пет години или уште 20 години американските воени трупи на теренот би направиле каква било разлика“,
рече Бајден додавајќи дека смета оти „не е во ред да се донесе наредба за засилување на американските војници, додека вооружени сили на Авганистан не го сторат тоа“.
И беше дециден:
„Јас стојам цврсто зад мојата одлука. По 20 години, научив на потешкиот начин дека никогаш не било добро време за повлекување на американските сили. Затоа сме се уште таму”.
Исто така, призна дека сцените од Авганистан будат болни спомени за ветераните и другите кои „поминаа време на терен работејќи за поддршка на авганистанскиот народ“.
„Сцените што ги гледаме во Авганистан се вознемирувачки, особено за нашите ветерани, нашите дипломати, хуманитарните работници, за секој што поминал време на терен работејќи за поддршка на авганистанскиот народ. За оние кои ги загубиле најблиските во Авганистан, и за Американците кои се бореле и служеле во земјата, и ѝ служат на нашата земја во Авганистан. Ова е длабоко, длабоко лично. Тоа важи и за мене“,
рече Бајден, потсетувајќи дека четири пати бил во Авганистан.
Погрешни чекори
Бајден призна дека имало и „многу грешки“ направени во Авганистан во текот на двете децении американско воено присуство и презеде одредена одговорност за моменталната ситуација што се развива на теренот.

„Мораме да бидеме искрени, нашата мисија во Авганистан имаше и многу погрешни чекори во изминатите две децении. Јас сум четвртиот американски претседател што има мандат во време додека трае војната во Авганистан. Двајца демократи и двајца републиканци. Нема да ја префрлам оваа одговорност на петтиот претседател. Јас нема да го доведам во заблуда американскиот народ тврдејќи дека ни треба само малку повеќе време за да ја промениме ситууацијата во Авганистан, ниту, пак, ќе го отфрлам мојот дел од одговорноста за тоа каде сме денес и за начинот на кој треба да се движиме напред“,
рече Бајден.
Тој рече дека како претседател на Соединетите Американски Држави и дека оваа мисија престанува со мене. Призна дека е тажен од она што го гледа, но дека не жали за одлуката да ја прекине војната на Америка во Авганистан.
На крајот, тој се закани дека ако Талибанците ги нападнат американските војници додека тие продолжуваат со плановите за напуштање на Авганистан, „американското присуство ќе одговори брзо и одговорот ќе биде силен“.
„Американските војници ја извршуваат оваа мисија професионално и ефикасно како и секогаш. Но, тоа не е без ризици. Додека го изведуваме ова заминување, на Талибанците им ставивме до знаење дека ако го нападнат нашиот персонал или ја нарушат нашата операција, нашиот одговор ќе биде брз и силен. Ќе го браниме нашиот народ со разорна сила доколку е потребно“,
рече тој.
Тековната американска воена мисија што се случува на терен сега ја опиша вака:
„Нашата сегашна воена мисија ќе трае кратко време, ограничена во обем и фокусирана во своите цели: обезбедување на нашите луѓе и нашите сојузници што е можно посигурно и побрзо. И штом ја завршиме оваа мисија, ќе ставиме крај на нашето воено повлекување. Ние ќе ставиме крај на најдолгата војна во Америка по 20 години долго крвопролевање “,
рече Бајден во своето обраќање вечерва.