Новоизбраниот претседател на САД му понудил на главниот инфектолог да остане во тимот на новата администрација за борба против ковид-19
Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, го повикал главниот американски инфектолог Ентони Фаучи да продолжи да ја извршува својата работа и да биде главен медицински советник во тимот на новата администрација за борба против ковид-19.
„Му понудив да остане на истата функција што ја извршувал за последните неколку претседатели и да биде мој главен медицински советник, како и дел од тимот за борба против коронавирусот“,
истакна Бајден, кој стапува на должност на 20 јануари.
Тој нагласи дека ќе се вакцинира јавно кога Фаучи ќе каже дека вакцината е сигурна.
„Важно е да им се објасни на американските граѓани дека е сигурна“,
изјави идниот претседател на САД.
Бајден додаде дека штом ќе ја преземе функцијата ќе издаде уредба за задолжително носење маски во сојузните служби и во јавниот превоз меѓу државите, како што се авионите и автобусите.
„Ќе ги замолам граѓаните 100 дена да носат маски. Не засекогаш, туку само 100 дена“,
нагласи Бајден.
