Американските власти велат дека не биле во можност да воспостават директна врска меѓу нападите на Хамас врз Израел и иранското учество, но бараат таква бидејќи Техеран го поддржува Хамас
Американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Иран да „биде внимателен“ и му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД испраќаат воена помош во борбата на Израел против Хамас.
Обраќајќи им се на група лидери на еврејската заедница во САД, Бајден по првпат го поврза распоредувањето на американската флота во источниот Медитеран во близина на Израел со стравувањата дека Иран може да се обиде да се меша.
„Ја преместивме американската носачка флота во источниот Медитеран и испраќаме повеќе борбени авиони во таа област и јасно им порачуваме на Иранците: Бидете внимателни“,
рече американскиот претседател.
Американските власти велат дека не биле во можност да воспостават директна врска меѓу нападите на Хамас врз Израел и иранското учество, но бараат таква бидејќи Техеран го поддржува Хамас. Бајден и неговиот тим се обидуваат да ги ослободат можните американски заложници кои ги држи Хамас.
Најмалку 22 американски државјани се меѓу загинатите во нападот на исламистичката организација врз Израел од Појасот Газа, потврди Стејт департментот, а најмалку 17 Американци се водат како исчезнати.
Белата куќа соопшти дека потврдениот број на Американци убиени или земени како заложници може да се зголеми.
Бајден на средбата со групата лидери на еврејската заедница во САД, како што јави Франс прес, рекол и дека бара од Израел да го почитува законот за војна во одговорот на нападот на Хамас.
„Едно нешто што му кажав на израелскиот премиер е дека е многу важно Израел, со сиот гнев и фрустрација, да дејствува во согласност со законите на војната“,
рекол Бајден.