Американскиот претседател Џо Бајден вети дека секој Американец ќе биде вратен дома од Авганистан заблагодарувајќи им се на, како што рече, сите храбри мажи и жени на американската војска кои се на оваа мисија.
„Дозволете ми да бидам јасен – ние ќе го вратиме дома секој Американец што тоа го сака. Но, не можам да ветам дека ќе биде без ризик. Не можам да тврдам каков ќе биде исходот. Но, како врховен командант и како Американец можам да ветам дека ќе мобилизираме сè што е потребно за секој Американец да се врати дома“,
рече американскиот претседател.
Тој појасни дека секој ден разговара со командантите на кои јасно им кажува дека ќе им даде сè што е потребно за да ја завршат својата работа по највисоки стандарди, иако околностите се тешки.
„Се договоривме со талибанците дека американските државјани можат да стигнат до аеродромот. Талибанците ги ослободуваат Американците кога ќе покажат документи. Друго прашање е што се случува кога ќе паднат во овој хаос. Се обидуваме да најдеме најдобар начин за полесно да поминат. Без разлика на околностите, имаме договор со талибанците да ги пуштат сите со американски документи“,
тврди Бајден.
Американскиот претседател рече дека САД се во постојан контакт со талибанците и додаде дека „на милитантната група која сега го контролира Авганистан и е кажано дека може да очекува силен одговор од американската војска доколку се случи напад“.
„Никој воопшто не го поставува прашањето за нашиот кредибилитет. Всушност, мислам дека е токму спротивното. Ние ја докажавме нашата веродостојност и одлучност во последните денови”,
вели тој.
Бајден беше прашан и за Авганистанецот кој работел за американската војска и кој побарал помош, а сега се крие некаде во Кабул.
„Се надеваме дека ќе може да стигне до аеродромот и да се спаси заедно со неговите три деца и сопруга. Тоа е мојата порака до него“,
одговори.
Прашан дали ветува дека ќе ги спаси луѓето кои работеле за американската војска и не се американски државјани, американскиот претседател кажа дека имаат обврска да ги спасат сите што им помогнале изминатите години. „Не само Американците, иако тие ни се најважни, но ние ќе им помогнеме на сите“, вети Бајден.