Додека Шолц отпатува во Вашингтон за да разговара со Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, во обид да ги смири тензиите

Американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц го истакнаа единството на САД и Германија додека се состанаа во Белата куќа.
Пораки за единство и сојузништво на САД и Германија, испратија американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц додека се состануваа во Белата куќа.
„Германија е еден од најблиските сојузници на Америка“, рече Бајден за време на разговорите со Шолц во Овалната соба, додавајќи дека со очекува блиска соработка со новиот германски канцелар.
Тие се среќаваат за да разговараат за евентуалниот напад од Русија кон Украина, што беше споменато и од Шолц.
„Ние сме најблиски сојузници и интензивно работиме заедно и тоа е неопходно за да ги направиме чекорите што треба да ги направиме, на пример борбата против руската агресија против Украина … Значи, ова е важен состанок и многу, многу важен момент“, рече германскиот канцелар.
Додека Шолц отпатува во Вашингтон за да разговара со Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, во обид да ги смири тензиите.
Макрон, како што јавија медиумите, на рускиот претседател Владимир Путин му порача дека неговата цел е да се избегне војна и да се изгради довербата. Путин, пак, истакна дека Русија и Франција споделуваат „загриженост за тоа што се случува во европската безбедносна сфера“.