Според медиумите, во поплавите предизвикани од поројните дождови од ураганот Ида загинале жители на Њујорк, Њу Џерси, Пенсилванија, Мисисипи, Луизијана…
Американскиот претседател Џо Бајден и се обрати на нацијата во врска со катастрофалните поплави предизвикани од ураганот Ида.
„Сакаме искрено да им се заблагодариме на сите оние што работеа цела ноќ до утро за да спасат животи и да ја вратат електричната енергија во домаќинствата“,
рече Бајден на почетокот на својот говор во Белата куќа.

Тој соопшти дека шест лица загинале, а милион домови останале без електрична енергија во Луизијана и Мисисипи.
„Иако катастрофалните поплави не се толку големи како оние од ураганот Катрина пред 16 години, Ида беше толку силна што реката Мисисипи буквално го промени правецот“,
рече тој и најави дека утре ќе оди во Луизијана на средба со локалните власти.
И додека позитивно говореше за значајните федерални вложувања во системот за заштита од поплави околу Њу Орлеанс кои спречиле катастрофа, како и за ангажманот на повеќе од шест илјади припадници на Националната гарда, американскиот претседател ги критикуваше осигурителните компании дека се неподготвени среде ураган и дека не исплатиле отштета.
„Се обраќам до приватните осигурителни компании – не кријте се зад техничките детали и малите букви од договорот, направете ја вистинската работа. Државата ќе работи деноноќно за да им помогне на луѓето во погодените области. Користиме и нова технологија, Пентагон ни помага со сателитските снимки, а во спасувањето се вклучени и дронови”,
рече Бајден во обраќањето до нацијата.
Претходно, во медиумите, но и на социјалните мрежи беа објавени видеа за ситуацијата во Њујорк и Њу Џерси каде досега загинаа 23 лица, меѓу кои има и деца и повозрасни лица.
Поплави има и во сојузните држави Пенсилванија и Масачусетс.