Се враќаме на директна и отворена комуникација. Се договоривме секој од нас да може директно да го прифати телефонскиот повик, за веднаш да се слушнеме, изјави Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Ѓинпинг се договорија, по нивната прва средба по нешто повеќе од една година, да отворат директна телефонска линија меѓу двајцата лидери, да го обноват контактот меѓу армиите на двете земји и да соработуваат за сузбивање на производство на фентанил.
Бајден и Си разговараа речиси четири часа за проблемите што ги нарушуваат односите меѓу САД и Кина.
Двајцата претседатели планираат да ги обноват воените контакти кои Кина ги прекина во август 2022 година кога тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван.
„Се враќаме на директна и отворена комуникација. Се договоривме секој од нас да може директно да го прифати телефонскиот повик, за веднаш да се слушнеме“,
рече Бајден додавајќи дека тоа важи и за комуникацијата меѓу двете претседателски канцеларии.
Бајден подоцна рече нешто што може да ја налути Кина
Меѓутоа, американскиот претседател подоцна им кажа на новинарите нешто што може да ја налути кинеската страна, а тоа е дека тој не го променил мислењето за Си Ѓинпинг како диктатор.
„Мислам, тој е диктатор со оглед на тоа дека се работи за човек кој раководи со комунистичка земја“,
рече Бајден.
Си му одговорил дека негативните перцепции за Комунистичката партија во САД воопшто не се фер, според еден од американските претставници по средбата.
Разговорот меѓу двајцата лидери е обид да се изедначат односите меѓу двете велесили откако американски борбен авион собори кинески балон кој леташе над територијата на САД во февруари оваа година, под сомнение дека е шпионски балон кој собира податоци за воени локации на САД.
Американскиот претседател наведе кои прашања најмногу го загрижуваат Вашингтон, а тоа се човековите права и агресивните активности на Пекинг во Јужното Кинеско Море.
„Разговараме, отворени сме еден со друг за да нема недоразбирање“,
рече Бајден.
По состанокот меѓу двајцата претседатели, се очекува средба меѓу американскиот министер за одбрана Лојд Остин и неговиот кинески колега, штом тој биде именуван, изјави висок американски претставник.
Бајден и Си, исто така, се согласија дека Кина треба да престане да извезува производи поврзани со производството на фентанил, водечка причина за предозирање со дрога во САД.
„Тоа ќе спаси животи“,
рече Бајден, кој му се заблагодари на Си за неговата посветеност да го реши проблемот.
Главниот проблем во односите е Тајван
Што се однесува до Тајван, остров управуван од демократски режим, но признат од Пекинг како дел од Народна Република Кина, Си бара мирно обединување со одметничкиот остров. Сепак, кинескиот лидер го продолжи разговорот со условите под кои може да се употреби сила.
Според висок американски функционер, Бајден ја нагласил потребата од мир и стабилност во Тајванскиот Теснец и се залагал за задржување на статус кво, истовремено очекувајќи Кина да го почитува изборниот процес на Тајван.
Од друга страна, Си побара од САД да престанат да испраќаат оружје во Тајван и да го поддржат „мирното обединување“ на Кина и Тајван, јавуваат кинеските државни медиуми.