Американскиот претседател, како што се најавува, ќе оствари телефонски разговор со лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија „за најновите случувања во врска со руската инвазија“
Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе оствари телефонски разговори со клучните западноевропски сојузници, со кои ќе разговара за руската инвазија врз Украина, соопшти Белата куќа.
Бајден ќе разговара со лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија „за најновите случувања во врска со руската инвазија на Украина“, соопшти портпарол на Белата куќа.
Американскиот претседател минатата седмица престојуваше во Брисел, каде што се одржаа вонреден самит на НАТО посветен на руската инвазија на Украина, како и самит на ЕУ на истата тема. Потоа, тој отпатува за Жежов во Полска, а потоа и во Варшава, каде што имаше средба со украински бегалци.