
Хамас се новите нацисти, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на денешната средба со американскиот претседател Џо Бајден.
Нагласи дека посетата на Бајден е првпат американски претседател да допатува во Израел во време на војна и ја нарече „длабоко трогателна“.
Во нападот врз болница во Газа загинаа стотици Палестинци и со тоа продлабочувајќи ги тензиите на Блискиот Исток и зголемувајќи ги влоговите за американскиот претседател Џо Бајден, кој денеска го посети Израел за да ја изрази својата поддршка за војната против Хамас.
Инаку, по излегувањето од авионот, Бајден на аеродромот ги прегрна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претседателот Исак Херцог.
„Добре дојдовте, господине претседателе. Господ да ве благослови што ја заштитувате нацијата Израел“,
му рекол Херцог на Бајден, според кабинетот на израелскиот претседател, пренесува Асошиејтед прес.
На почетокот Нетанјаху му заблагодари на Бајден на посетата и, како што посочи, за недвосмислената поддршка што му ја дава на Израел во овие тешки моменти.
„Поддршка што ја одразува огромната волја на американскиот народ. Ја видов вашата поддршка и длабочината и широчината на соработката што ја имаме од самиот почеток, ниво на соработка која е навистина без преседан во историјата на големиот сојуз меѓу нашите два народи“,
посочи тој.
Нетанјаху рече и дека ги гледа поддршка и нивната непоколеблива посветеност да му се обезбедат на Израел алатките што му се потребни за да се брани.
„Ја гледаме таа поддршка во јасната порака што им ја испраќате на нашите непријатели да не ја тестираат нашата решителност и во двете американски борбени групи што ги испраќате во регионот за да ги поткрепат тие зборови со акција, но пред сè, господине претседателе, светот ја гледа таа поддршка и моралната јасност што ја покажавте од кога Израел беше нападнат. Со право поставивте јасна линија помеѓу силите на цивилизацијата и силите на варварството и опишавте кои заповеди претставуваат чисто зло. Хамас убива деца пред нивните родители, а родители пред нивните деца. Луѓето беа запалени живи. Силувале и убивале жени. Ги обезглавувале војниците, барале тајни скривалишта каде што родителите ги криеле своите деца. Само замислете, господине претседателе, стравот и паниката на тие мали деца во нивните последни моменти додека чудовиштата ги откриваа нивните скривалишта“,
рече израелскиот премиер.
Џо Бајден рече дека сакал да биде во Израел токму во овој момент.
„Сакав да бидам овде денес. Од едноставна причина што го сакам народот на Израел, луѓето во светот да знаат каде се САД. Мораме да запомниме дека Хамас не го претставува палестинскиот народ. Длабоко сум тажен и огорчен од вчерашната експлозија во болница во Газа. Врз основа на она што го видов, изгледа дека тоа го направиле други, а не вие“,
му рече Бајден на Нетанјаху.