Министерот за здравство вели дека ниту Министерството ниту клиниките имаат прецизна, дигитална евиденција на медицинската опрема низ системот и дека апаратите се некомпатибилни

Министерот за здравство Азир Алиу, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, беше прашан за наодите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кое покажа дека трошоците за јавни набавки во здравството за десет години пораснале за два и пол пати – од 126 милиони евра во 2015 година на 315 милиони евра во 2024 година. Од ЦГК притоа наведуваат дека „инфлаторните фактори не се доволни за да се објаснат огромните скокови во вредноста на набавките“.
Министерот Алиу вели дека анализата е вредна, но причините за ваквите бројки не се еднострани. Тој смета дека најголемиот проблем произлегува од недоволна дигитализација и непостоечка централна база на здравствената инфраструктура.
„Јас истражувањето го прочитав, лично го анализирав и има фантастичен пристап материјалот внатре“ ,
вели министерот, додавајќи дека некомплетните податоци ги тераат институциите да купуваат опрема без стратегија и без јасен увид во тоа што веќе го поседуваат.
Алиу посочува дека денес ниту министерството ниту клиниките имаат прецизна, дигитална евиденција на медицинската опрема ширум системот.
„Ние во моментот немаме централен систем во којшто ги имаме сите елементи поврзани со здравствената инфраструктура во државата и не ги знаеме, немаме ни увид каков тип на апаратура имаме во нашите клиники, болници итн“,
изјави тој.
Како решение, министерот за здравство најавува национална апликација во која секоја здравствена институција ќе мора да ги внесе целата опрема, инфраструктурата и технолошките ресурси.
Само така, вели Алиу, министерството ќе знае дали има реална потреба од отворање нова тендерска постапка.

Сериозен проблем, според Алиу, е некомпатибилноста на технологијата во различни здравствени установи. Пациентите често мора повторно да прават анализи при префрлање од една болница во друга, што ја зголемува цената на услугите.
„И таа некомпатибилност, верувајте, ни прави дополнителен притисок во буџетот на здравството бидејќи двапати, трипати истата услуга треба да ја платиме“,
рече тој.
Министерот додава дека во иднина директорите на клиниките нема да можат да бараат набавка на нова опрема доколку централната база покаже дека тоа не е оправдано.
„Вие како директор во една клиника нема да можете да отворите постапка за купување на некоја опрема ако цениме дека таа опрема не ви треба“,
рече министерот Алиу.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, исто така, покажува дека бројот на прегледи во 55 клиники и болници е намален за 14%, а болничките денови за 24%. Алиу смета дека овие бројки не мора да значат намалување на услугите бидејќи новите медицински методи овозможуваат побрзо лекување со помалку хоспитализации.
Еден од најпроблематичните наоди на ЦГК е тоа што речиси половина од сите тендери имале само еден понудувач. Алиу признава:
„Тоа е загрижувачки и тука исто така има решение. Решението е централизирање на сите информации и таа техничка спецификација да биде компатибилна со другите институции“.
Според него, институциите имаат премалку обучени кадри кои можат да водат сложени тендерски постапки, што често резултира со пропаднати постапки, повлекување на оператори и слаб конкурентски амбиент.
На забелешката дека „се цртаат тендери“ за да се појави само еден понудувач, Алиу одговара:
„Не смеат да се цртаат, бидејќи имаме, нели, и други државни институции што ги анализираат, но сепак треба да бидеме претпазливи“.
