На почетокот на седницата премиерот Христијан Мицкоски во образложението на предлогот за Азири изрази верување оти неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем

Со 65 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден воздржан, Собранието попладнево го изгласа Азир Алиу за нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари кој неодамна си поднесе оставка од министерската функција.
На изгласувањето на Алиу за министер претходеше речиси тричасовна дебата меѓу пратениците од власта и опозицијата.
На почетокот на седницата премиерот Христијан Мицкоски во образложението на предлогот за Азири изрази верување оти неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем.
„Доктор Алиу е доктор по информатички науки. Професор, човек, кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние се уште трчаме. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем“,
рече Мицкоски.
Пратениците од власта рекоа оти се надеваат дека конечно здравството ќе исплива од дното во кое е западнато и додадоа дека е голем предизвикот за Алиу.
„Огромен е предизвикот што го прифати Азир Алиу, но познавајќи го како човек оти потекнува од реномирано семејство, но и според неговото си-ви сметам дека има шанси да се снајде во менаџирањето. Претходно имавме експерти од здравствената област што имале можност да го водат овој ресор, но секогаш не се покажало дека биле компатибилни здравствената стручност со менаџирањето со ресорот здравство“,
рече пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од опозицијата, пак, беа со поинаков став во однос на преземањето на Алиу на министерското место.
„Кога Азир Алиу стана министер за информатичко општество, тогаш никој од денешното мнозинство не кажа дека бил од чесно семејство, браќата, снаите му ги знаеле, бил од реномирано, богато семејство. Напротив, не доби ниту еден глас поддршка кога беше кандидат за министер за информатичко општество и администрација, фактички тоа што му е звање, за денес да биде супер истиот човек за министер за здравство“,
рече пратеникот од СДСМ, Јован Митрески.
Пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети, рече дека испраќаат апел и другите партии и пратениците да ја напуштат оваа Влада бидејќи не резултира со политичката волја на Албанците и е од ден на ден оди во се полоша ситуација.
Инаку, Азир Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставената биографија, бил и на други високи и одговорни позиции.
Алиу е дел од Алијанса за Албанците која остана во ВЛЕН откако доскорешниот министер за здравство и лидер на ова крило на АА си поднесе оставка на 15 мај годинава и реши да замине во опозиција.