Според него, доколку се појави потреба од државна помош, тогаш таа ќе треба да биде насочена кон извозниците

Бизнис-секторот во земјава ја следи состојбата и очекува понатамошно продлабочување на економската криза. Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, денеска порача дека иако ситуацијата во моментов е под контрола, сепак, доколку дојде до посериозни нарушување, тогаш ќе побараат интервенција од Владата.
Според Азески, доколку се појави потреба од државна помош, тогаш таа ќе треба да биде насочена кон извозниците.
„Ако се погодени определени сектори, ако се погодени определени значајни гранки на стопанството, без кои македонската економија не може да функционира, треба да бидат поставени таргетирани мерки. А за она што значи за граѓаните, тоа си е обврска на Владата и тука не се мешаме“,
рече Азески.
Претседателот на Комората нагласи дека бизнисот постојано ја следи состојба уште од 2008 година.
„Ние сме подготвени на секакви сценарија од 2008 година бидејќи кризите не се завршени од тогаш. Компаниите се во постојана ситуација на напнатост и на тешка предвидливост, што е најголемиот непријател за водење бизнис, особено во комплицирана состојба како сега, во моментот на геополитички преструктуирања, кои влијаат и на континентот во кој живееме – во Европа, и на регионот во кој се наоѓаме“,
додаде Азески.
Тој вели дека и војната во Украина има влијание врз ситуацијата, особено што 70 отсто од нашите компании се свртени кон пазарите во Европа.
Од Стопанската комора бараат борба против корупцијата и сивата економија, брза гасификација на државата и директна поддршка за извозните компании.
„И понатаму очекуваме продлабочување на кризата. Разработени се и разгледани сите можни сценарија што може да настанат. Сериозни фирми членуваат во Комората и затоа како асоцијација имаме обврска да ја предвидиме состојбата во која се наоѓаме. Можам да кажам дека се можни такви развои на нештата, меѓутоа ќе се направи сè до нив да не дојде. Нашите можности да влијаеме се многу мали. Да, ќе побараме секогаш мерки кога се потребни. Да, тие мерки ќе бидат таргетирани зашто мерките што општо важат и кои се приоритети на Комората остануваат“,
вели тој.
Според него, дел сме од најпребирливите пазари како европскиот, каде што увезуваат и извезуваат сите во светот.
„Тоа значи дека мора да имаш квалитатив за да можеш да ги продадеш своите производи. А за да ги продадеш, треба да бидат конкурентни. За да бидат конкурентни, мора да бидат во согласност со политиките на државата, од кои нема да имаат непредвидени трошоци. Сето тоа е врзано едно за друго. Ние сакаме таа поддршка да биде директно изразена од страна на Владата, сакаме тие да добијат апсолутен приоритет зашто без извозот, мала земја како нашата нема никакви шанси да опстане и да продаде производи“,
рече претседателот на Комората.
Македонските компании, кои се постојано присутни во Стопанската комора, додаде Азески, веројатно претчувствуваат дека може да дојде до некакво непредвидливо сценарио.
„Мислам дека долго трупаните проблеми со кризите во Европа и во светот од 2008 година наваму ќе ја зголемуваат инфлацијата и тоа сигурно ќе влијае во работењето на сите. Но, нормално, тоа ќе биде прв приоритет за таа борба што мора да се добие бидејќи без добивање на таа борба нашите стоки ќе станат безначајни“,
нагласи Азески.
