„Во време на постојани обиди за релативизација на историските вистини од надвор, недозволиво е никој во институциите да не бил свесен дека носејќи ја оваа одлука дозволуваме истото да ни се случува и од внатре“, велат од Сојузот на борци

Од Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) упатија отворено писмо до Владата во кое остро реагираат на одлуката за давање согласност за формирање основно училиште во Општина Студеничани со името на, како што велат, профашистичкиот колаборационист, балистот Азем Морани.
„Бараме од Владата веднаш да ја преиспита ваквата Одлука и да не дозволи распламтување на историскиот ревизионизам и подривање на асномските темели на Македонија, како антифашистичка држава. Во време на постојани обиди за релативизација на историските вистини од надвор, недозволиво е никој во институциите да не бил свесен дека носејќи ја оваа одлука дозволуваме истото да ни се случува и од внатре“,
велат од Сојузот на борци.
Во писмото од Сојузот објаснуваат кој, според нив, бил Азем Морани.
„Азем Морани е осуден во 1947 година за своите профашистички, балистички и колаборационистички активности во времето на Втората светска војна и по нејзиното завршување, а насочени против македонската држава и слободите и правата на сите граѓани без разлика на нивното социјално или етничко потекло. Училиштата се место за примарен воспитно-образовен процес и како такви треба да всадат во децата вистински вредности, антифашизам, космополитизам и човечност“,
посочија од Сојузот.
Инаку, вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити пред три дена на Фејсбук објави дека на владина седница е одобрена одлука за основање основно училиште „Азем Морани“ во селото Морани во Општина Студеничани, пишувајќи – денес во Морани се испиша историја.
„Оваа одлука е почит кон жртвата. Таа е повик за будење на споменот на една светла национална личност, која даде сè за албанското образование и идеалот за слобода. Азем Морани, учителот, патриотот, борец за зборот и знаењето, кој не се поклони пред неправдата, денес се враќа меѓу нас преку институција која ќе образува цели генерации во негово име“,
напиша Меџити.
Тој објави и фотографии од посета на семејството Морани на кои се гледа дека на гости бил и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и поранешниот министер за здравство, Беким Сали.

Дека биле на гости кај семејството Морани, на Фејсбук се пофали и собранискиот спикер Гаши.
„Бевме пречекани со голема почит и уживање. Нагласивме дека училиштето што денеска го носи името просветителот Азем Морани претставува посебен чин на благодарност за неговата жртва како човек кој даде сè за образованието и слободата“,
напиша Гаши.