Од ЈСП „Скопје“ велат дека количините на нафта што од вчера се доставуваат во базните станици на претпријатието се доволни за да автобускиот сообраќај денеска биде нормализиран

Сите автобуси што се во возна состојба денеска редовно сообраќаат, вели директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски.
Тој додава дека количините на нафта што од вчера се доставуваат во базните станици на претпријатието се доволни за да автобускиот сообраќај денеска биде нормализиран.
„Нормализиран е јавниот превоз денеска. Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат“,
вели Кушовски во изјава за МИА.
Тој додава дека досега не се испорачани сите количини на нафта, туку дека тоа се прави сукцесивно.
Испораката на нафта од државните резерви почна од вчера попладне откако Владата на вонредна седница донесе одлука да се вклучи во решавање на проблемот.
Изминатите два дена во сообраќај од страна на ЈСП „Скопје“ беа пуштени околу триесетина автобуси од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаа резерви на нафта. Одлуката на Владата ќе биде решение за следните седум дена, период во кој треба да се склучи новиот договор за да може ЈСП „Скопје“ да функционира во нормални услови.
За денеска во 14 часот се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ.
За денеска во 14:00/14:30 часот се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои ќе се приклучат на протестот што ќе се одржи пред бараките на Град Скопје.