Во меѓувреме, седница на Советот на Град Скопје за проблемот со јавниот превоз сè уште не е закажана

Автобусите на ЈСП „Скопје“ засега сообраќаат редовно, а од претпријатието уверуваат дека нема најава за прекин на возењето. Иако вчера неофицијално имаше најави за проблеми со снабдувањето со нафта, вчера попладне пристигнале 20 тони гориво, по десет во двете автобази, што е доволно за возењето во текот на вчерашниот и денешниот ден.
Во меѓувреме, седница на Советот на Град Скопје за проблемот со јавниот превоз сè уште не е закажана.
Поранешниот заменик-градоначалник и независен член на Советот, Александар Трајановски, за МИА потврдува дека засега нема никаква најава за итна седница.
Според Трајановски, дополнителен проблем е што Советот нема постојан претседател, откако Трајко Славески ја напушти функцијата. За секоја седница се назначува претседател поединечно, што, според Трајановски, ја отежнува работата.
Од Град Скопје вчера преку соопштение реагираа дека фирмата „Пуцко петрол“ и нејзиниот сопственик Асмир Јахоски ја прекинале испораката на нафта и покрај активниот договор со ЈСП „Скопје“. Според Град Скопје, Јахоски го сторил тоа под „силен политички притисок“, со цел да се создаде хаос во главниот град.
Од Градот најавија дека ќе покренат соодветна постапка за материјална и кривична одговорност против Јахоски и „Пуцко петрол“ за непочитување на договорот.
На обвинувањата од Град Скопје со реакција се јави фирмата „Пуцко петрол“, од каде што рекоа дека ЈСП „Скопје“ има долг кон нивната компанија, кој надминува 10 милиони евра по фактури стари и над две години.
Според компанијата, секоја институција што ги подмирува навремено своите обврски, без исклучок добива гориво согласно договорените услови.