Попладнево, кратко по соопштението од „Хано Соравиа“, со свој допис по електронска пошта се огласија и од фирмата „Пе-вла-ку ШПК“, во врска со договорот. Според соопштението, албанската компанија во партнерство со „Тор индустрис“ се стекнува со 90 отсто од акциите во „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и 100 отсто од акциите на „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ, кои се под капата на австриската „Хано Соравиа џи-ем-би-ејч“
Инвестициската компанија со седиште во Австрија „Хано Соравиа џи-ем-би-ејч“ (Hanno Soravia GMBH) денеска преку писмено соопштение објави дека продава 90 отсто од акциите во двете нејзини клучни фирми во С Македонија – „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ, кои стојат зад Бизнис-центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје.

Договорот за купопродажба на акциите, како што се наведува во соопштението испратено преку електронска пошта од Виена, Австрија е со албанската компанија „Пе-вла-ку“ и македонската „Тор индустрис“, со тоа што, како што наведуваат од „Хано Соравиа“, задржуваат 10 отсто од акциите.
„’Хано Соравиа џи-ем-би-ејџ’ водечка инвестициска компанија со седиште во Австрија веќе 150 години, објави потпишување на договор за купување акции со ‘Пе-вла-ку’ реномирана компанија со седиште во Албанија, и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ, истакнат деловен субјект од Северна Македонија. Во договорот е наведено дека ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ ќе продаде 90 отсто од акциите во два нејзини клучни субјекти, ‘Соравиа инвест’ ДООЕЛ и ‘Соравиа менаџмент’ ДООЕЛ, притоа задржувајќи 10 отсто од акциите. Задржувањето на акциите од 10 отсто ја покажува континуираната верба и посветеност на ‘Хано Соравија џи-ем-би-ејч’ во растот на компаниите и потенцијалот на новото партнерство. Тоа означува гласање за доверба во можностите и искуството во индустријата на ‘Пе-вла-ку ШПК’ и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ за да се поттикне траекторијата на компаниите“,
се вели во соопштението.
Во соопштението е пренесена и изјавата на Хано Соравиа, извршниот директор на австриската компанија кој вели дека се ентузијасти за новото партнерство, кое „означува значајна пресвртница во нашата корпоративна историја“.
„Уверени сме дека ‘Пе-вла-ку’ и ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ се идеално позиционирани да ги преземат уздите и дополнително да го поттикнат растот на ‘Соравија инвест’ ДООЕЛ и ‘Соравиа менаџмент’ ДООЕЛ“,
наведува Хано Соравиа.
Овој стратешки договор меѓу трите субјекти, се посочува во дописот, им овозможува на двете фирми под брендот „Соравиа“ да пристапат до огромното искуство и мрежите на нивните нови сопственици, со што се олеснува поширок опсег на можности за раст на нивните соодветни пазари.
Од албанската и од македонската компанија кои ја преземаат контролата над Бизнис-центарот „Соравиа“ велат дека сакаат да работат со динамичните тимови во „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ.
„Ние сме посветени на искористување на синергијата создадена од ова партнерство за да генерираме вредност и силен раст“,
се вели во соопштението од компанијата „Хано Соравиа“.
Од „Хано Соравиа“ за себе велат дека се добро воспоставена инвестициска фирма со седиште во Виена, Австрија. Компанијата е специјализирана за развој на стратегии за раст на своите портфолио бизниси во станови, канцеларии и обновливи извори на енергија.
Попладнево, кратко по соопштението од „Хано Соравиа“, со свој допис по електронска пошта се огласија и од фирмата „Пе-вла-ку ШПК“, во врска со договорот.
Според соопштението, албанската компанија во партнерство со „Тор индустрис“ се стекнува со 90 отсто од акциите во „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и 100 отсто од акциите на „Соравиа менаџмент“.
„Оваа монументална аквизиција е во стратешко партнерство со ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ, доверлив и успешен деловен субјект од Северна Македонија. Оваа голема аквизиција претставува значајна пресвртница во тековното проширување на „Пе-вла-ку“ и го означува почетокот на новото поглавје во историјата на компанијата. Ја нагласува посветеноста на „Пе-вла-ку“ да ја прошири својата дејност надвор од Албанија, додека останува посветен на иновациите и растот“,
се наведува во соопштението.
За својот стратешки партнер од земјава, од албанската компанија велат дека станува збор за високо почитуван партнер со значителен успех не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион.
„Нашата соработка со ‘Тор индустрис’ ДООЕЛ е стратешки избор. Нивната исклучителна репутација и покажаниот успех низ регионот се сведоштва за нивните способности. Ова партнерство не само што ќе доведе до развој на двете компании, туку и ќе придонесе за раст на регионалната економија“,
навел претставник на од „Пе-вла-ку ШПК“.
Соопштенијата од двете компании доаѓаат откако на радарот на медиумите се најде известувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата дека Компанијата „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“ ја преземаат контролата на Бизнис-центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје.
Како што информираа од Комисијата за заштита на конкуренцијата, на 9 јуни годинава до неа е доставено известување за концентрација со која Друштвото за производство, трговија и услуги „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската „Пе-вла-ку ШПК“, со адреса во главниот град на Албанија, Тирана, ќе стекнат заедничка контрола над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа инвест“ ДООЕЛ и над Друштвото за градежништво и услуги „Соравиа менаџмент“ ДООЕЛ.
Во известувањето на Комисијата се наведени и активностите на компаниите учесници во постапката. Па така, за „Тор индустрис“ се вели дека станува збор за друштво основано во 2020 година чија основна дејност е развој на градежни проекти.
„’Тор индустрис’ има подружница во Северна Македонија – ‘Тор ИТ-системс’ Скопје со седиште на ул. ‘Филип Втори Македонски’ бр. 3/11кат, Скопје – Центар, која врши компјутерско-консултантски дејности. ‘Пе-вла-ку’ е една од најголемите градежни компании во Албанија и Косово, основана во 2005 година. Во своето постоење, а особено во последните години, ‘Пе-вла-ку’ има планирано и успешно реализирано десетици градежни проекти. ‘Пе-вла-ку’ има направено успешни чекори во слободната пазарна економија и со своите проекти беше дел од развојот на двете земји. Со искуство од над 14 години, нивната работа, работење и дејствување се проширува и тие се присутни во многу зони на Албанија и Косово“,
се наведува во известувањето на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Како што веќе објавивме, „Тор ИТ-системс“ и подружницата на „Пе-вла-ку“ во земјава се регистрирани на иста адреса, односно со седиште на улицата „Филип Втори Македонски“ број 3, како и фирмите чија контрола ја преземаат.
Инаку, во медиумите вчера излезе вест дека сопственик на една од фирмите кои ја преземаат контролата врз „Соравиа“, конкретно на компанијата „Тор индустрис“, е Дрин Ахмети, внук од брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.