Австрискиот европратеник Андреас Шидер објави на Твитер дека изборите во земјава законски мора да се одржат на почетокот на јули.

„Северна Македонија ја прекина вонредната состојба. Тоа значи враќање кон парламентарната легитимност и граѓаните да одлучат за иднината. Според законот, изборите мора да се одржат на почетокот на јули“,
напиша Шидер на Твитер.
Натаму тој во друга објава во продолжение укажува дека одржувањето на изборите е неопходен следен чекор.
„Одржувањето на изборите (под строги хигиенски стандарди) е неопходен следен чекор. Датумот е одреден согласно законот. Сите партии да се договорат за куса и фер изборна кампања. Тактички препукувања за датуми итн., се штетни за демократијата“,
наведува Шидер на својот твитер-профил.
Вчера, порака за изборите во земјава на Твитер испрати и колешката на Шидер од Германија, Марион Валсман, од партијата на Ангела Меркел.
На својот профил на Твитер пишува дека партиите во Северна Македонија треба заедно да дејствуваат и да договорат датум за парламентарните избори.
Денеска пак, и известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучуќ, преку Твитер ги повика партиите во земјава да изнајдат заеднички прифатлив датум за избори.
