Оваа опција ќе биде овозможена само за луѓе кои се трајно, сериозно и неизлечиво болни, а ќе постојат неколку услови кои ќе мора да се исполнат за да биде одобрена евтанзијата
Австрискиот парламент со големо мнозинство го усвои законот за евтанзија, според кој тешко болните ќе добијат пристап до смртоносен лек. Сепак, оваа опција ќе биде овозможена само за луѓе кои се трајно, сериозно и неизлечиво болни. Активната евтанзија, пак, е сè уште забранета.
Новиот закон стана неопходен откако Уставниот суд ја укина забраната за потпомогнато самоубиство. Според мислењето на судиите, со ова се нарушува правото на самоопределување.
Новиот закон за потпомогнато самоубиство или евтанзија содржи неколку услови кои мора да се исполнат.
Па така, лицето кое ќе побара евтанзија мора да има најмалку 18 години и да има медицинска дијагноза која ќе ја оценат двајца лекари. Дополнително, ќе треба да поминат најмалку неколку недели за да се осигура дека не се бара евтаназија поради привремена криза. Дури тогаш смртоносниот лек ќе можат да го набават во аптека.
Владејачката конзервативна Австриска народна партија и Зелените го поддржаа законот во Парламентот, како и опозициските социјалдемократи и либералната партија Неос. Единствено крајно десничарската Слободарска партија на Австрија не се согласи.