Првично беше планирано задолжителната вакцинација да биде за сите постари од 14 години, но планот се ревидираше поради, како што рече канцеларот Нехамер, постоела загриженост околу казнувањето на тинејџерите, па затоа е направена измена и задолжителната вакцинација се воведува за постари од 18 години
На почетокот на февруари Австрија ќе воведе задолжителна имунизација против коронавирусот, за сите лица постари од 18 години, а оние што ќе одбијат да се вакцинираат ќе платат високи казни, рече австрискиот канцелар Карл Нехамер. Тој рече оти е свесен за „чувствителноста“ на оваа одлука која е прва во Европа.
„Како што е предвидено, на почетокот на февруари ќе воведеме задолжителна вакцинација за сите постари од 18 години“,
рече Нехамер.
Владата на Австрија предложи ревидиран план за задолжителна вакцинација, кој сега се однесува за постари од 18 години, а не постари од 14 години, како што беше првично планирано.
Канцеларот Нехамер рече дека постоела загриженост околу казнувањето на тинејџерите, па затоа е направена измена и задолжителната вакцинација се воведува за постари од 18 години. Тој додаде оти предлог-законот е смислен за да одговори на флексибилноста на вирусот, а задолжителната вакцинација да стане закон од почетокот на наредниот месец.
Делови од законот можат да бидат суспендирани со одобрение на парламентарниот одбор ако, на пример, идните соеви на вирусот бидат поблаги или, пак, ако експертите одлучат дека вакцинацијата веќе не е пат по кој треба да се оди.
На почетокот на февруари ќе се воведат контроли, а невакцинираните ќе можат да бидат казнети од 600 до 3 600 евра во случај на повторување на делото.
В саботата, на 15 јануари, 27 000 луѓе протестираа во главниот град на Австрија поради оваа мерка.
Вакцинацијата станува задолжителна во сè поголем број земји за одредени професии, категории на население или за извршување одредени активности. Но, задолжителната вакцинација за целото население и понатаму е исклучок.