Вицепремиерот Никола Димитров денеска, во рамки на турнејата низ земјите членки на ЕУ, во Виена се сретна со австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер
Северна Македонија е кандидат за пример и сакам јасно да порачам, за време на португалското претседателство брзо да се финализираат преговарачките рамки за првата конференција. Сѐ што е одложување понатаму ќе нѐ остави да бидеме губитници. Искрено велам дека немам разбирање за тоа дека Бугарија и понатаму блокира, изјави денеска австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.
Едшадлер посочи дека Северна Македонија дури го смени и името за да постигне вистински чекори кон Европа и потсети дека под германското претседателство се вложија огромни напори за да се реши бугарската блокада, но тоа не успеа.
„Апелирам до Бугарија, овој отпор да го заврши. Ние понудивме, во Виена, како неутрално место да продолжат разговорите. Досега оваа понуда не беше прифатена, но сакам јасно да кажам дека настанува вакуум ако оваа перспектива на пристапување не ја претвориме во дела и тој вакуум ќе биде пополнет со други земји што сакаат да извршат влијанија, како Кина, Русија “,
рече таа на заедничката прес-конференција во Виена со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Австриската министерка ја потенцираше поддршката што Виена ќе продолжи да ја дава кон Северна Македонија и Западен Балкан на патот кон Европската Унија и додаде дека Австрија има особен фокус на регионот на Западен Балкан, со кој, како што рече, нѐ поврзуваат историски корени.

„Западниот Балкан припаѓа во Европа. Сѐ додека Западниот Балкан се гледа како член и дел од европската перспектива и ЕУ нема да биде комплетна без него“,
истакна Едштадлер.
Посетата на Виена е дел од турнејата на вицепремиерот Димитров низ главните градови на земји членки на ЕУ.
