Доколку ситуацијата во болниците се влошува, на невакцинираните ќе им се забрани влез во ресторани, хотели и други простории. Дополните рестрикции кои се најавуваат се и тие да можат да излегуваат од своите домови само од „посебни причини“

Невакцинираните луѓе во Австрија би можеле да се соочат со нови ограничувања доколку бројот на заразени со коронавирус продолжи да расте, најави денеска новиот канцелар Александар Шаленберг.
„Доколку бројот на пациенти со ковид на интензивна нега достигне 500 или 25 отсто од вкупниот капацитет на земјата, влез во ресторани, хотели ќе биде дозволен само за вакцинирани или за излекуваните од ковид“,
изјави Шаленберг по состанокот со државните функционери на кој била разгледувана ситуацијата со пандемијата и брзиот раст на новозаразени.
Според информациите од австриските власти, во моментов на интензивна нега се лекуваат 220 пациенти, а доколку има 600 пациенти или една третина од вкупниот капацитет, Владата планира да воведе и дополнителни ограничувања за невакцинираните лица.
Во тој случај, според најавите, на невакцинираните ќе им биде дозволено да ги напуштат своите домови само од посебни причини.
„Пандемијата сè уште не е зад нас. Наскоро ќе влеземе во пандемија на невакцинираните“,
рече канцеларот.
Австрија минатата недела регистрираше 20 408 нови случаи на заразени со вирусот, со што неделниот просек достигнал 228,5 заразени на 100 000 жители. Една недела претходно, тој изнесуваше 152,5 заразени на 100 000 жители.