Новиот премиер Албанезе рече дека е горд што неговата влада ја сочинува искусен, разновиден и енергичен тим

По победата на Лабуристите на изборите на 21 мај, Австралија ја доби новата влада. Предводен од новиот премиер Ентони Албанезе, новиот владин тим положи заклетва во Канбера со што Австралија ја доби и родово најизбалансираната влада во својата историја.
Имено, од 22 министерски позиции, на десет се поставени жени. Две од најважни министерства ќе ги добијат жени: Пени Вонг е новата шефица на дипломатијата, додека Клер О’Нил стана министерка за внатрешни работи.
Заменикот на Албанезе на лидерската позиција во Лабуристичката партија, Ричард Марлс, пак, стана вицепремиер и министер за одбрана.
Албанезе објави дека е горд што неговата влада ја сочинува „искусен, разновиден и енергичен тим“, додека Вонг рече дека е „горда на новите лабуристи кои ја одржуваат партијата во чекор со модерната Австралија“.
Формирањето на новата влада е враќање на Лабуристите на власт по речиси една деценија. Новиот премиер, Ентони Албанезе, важи за искусен политичар кој репутацијата кај тамошната јавност ја доби како поборник за бесплатен здравствен систем, но и како борец за правата на ЛГБТИ заедницата и страстен љубител на рагби.
59-годишниот Албанезе израснал во социјални станови заедно со неговата самохрана мајка која добивала инвалидска пензија. Воспитувањето кое го добил од неа, тој го наведуваше како основа за неговите денешни прогресивни ставови и верувања.

Иако е лидер на Лабуристите само три години, тој е дел од партијата уште од неговите 20-ти години. Во 2007 година, кога Лабуристите под водство на Кевин Руд дојдоа на власт, тој стана министер за инфраструктура и транспорт.
По заминувањето на Руд од премиерската функција во 2010 година кога беше заменет од Џулија Гилард, Албанезе останал влијателен во партиските структури, а неговата поддршка за Руд потоа го врати на повисока функција во извршната власт. Имено, кога Руд повторно станува премиер во 2013 година го назначи Албанезе за негов вицепремиер. Сепак, оваа влада имаше краток мандат. По само 10 недели, лабуристите ги изгубија изборите и од тогаш, па се до пред десет дена, беа во опозиција.
Додека беа во опозиција, Албанезе се обиде да застане на чело на партијата, но во првиот обид беше поразен на внатрепартиските избори од Бил Шортен. Шортен во два изборни циклуси не успеа да ги врати лабуристите на власт, по што во 2019 беше сменет, па тогаш за нов лидер беше избран Албанезе.