Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) истакнуваат дека ваквите дејствија, посочувајќи го случајот со новинарката која беше повикана во полиција за објавен текст, ја загрозуваат слободата на медиумите. Додаваат и оти е апсолутно неприфатливо да се повикуваат новинари на информативни разговори за објавени написи од јавен интерес бидејќи можат да бидат протолкувани како обид за заплашување што, пак, придонесува за појава на самоцензура
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) преку соопштение го осуди потегот со кој новинарката Соња Колевска-Делевска од медиумот „Сакам да кажам“ беше повикана на службен полициски разговор поради објавен текст.
Оттаму истакнуваат дека ваквите дејствија ја загрозуваат слободата на медиумите и додаваат оти е апсолутно неприфатливо да се повикуваат новинари на информативни разговори за објавени написи од јавен интерес бидејќи можат да бидат протолкувани како обид за заплашување, што, пак, придонесува за појава на самоцензура.
„Ваквите случаи негативно се одразуваат врз слободата на информирање. Секој којшто смета дека одреден медиум му го нарушил угледот и честа со објавување нецелосни, непроверени или неточни информации, има право да побара од медиумот објавување на демант, одговор и исправка, или да поднесе претставка до саморегулаторните тела за медиуми“,
истакнуваат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
По објавувањето на текстот со наслов „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила била уценета да се откаже од парите што ѝ следуваат“, новинарката Соња Колевска-Делевска од медиумот „Сакам да кажам“ беше повикана на службен полициски разговор бидејќи државната службеничка пријавила дека се почувствувала вознемирено. Иако на раководителката од полиција ѝ рекле дека за тоа што таа го бара треба да покрене граѓанска постапка, сепак, инсистирала новинарката да биде повикана на разговор.
Случајот остро го осудија новинарските здруженија порачувајќи дека ова може да поттикне цензура и автоцензура кај новинарите, како и дека полициска интервенција за напишан текст е пракса на други политички системи и општества каде што слободата на медиумите е загрозена.
За случајот вчера реагираа и Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда.
Од МВР посочија дека внатрешна контрола го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со случајот, а од Министерството за правда соопштија дека ќе ја преиспитаат постапката на раководителката и ќе преземат сè што е во рамките на надлежностите и ингеренциите. Оттаму додадоа оти Министерството ќе направи сè за да ги заштити слободата на изразување и на говор кои се неприкосновени права во секое демократско општество.