Нападот на новинарот од страна на лица кои спроведуваат делови од правниот систем е апсолутно неприфатлив, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) откако новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ објави дека бил нападнат од извршителката Весна Јакимовска
Нападот на новинар, кој според Кривичниот законик се третира како напад на службено лице, е апсолутно неприфатлив од страна на лица кои спроведуваат делови од правниот систем – реагираат денеска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) откако новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ вчера објави дека бил нападнат од извршителката Весна Јакимовска.
„Имајќи предвид дека напад на новинар во Кривичниот законик се третира како напад врз службено лице, апсолутно е неприфатливо ваквото однесување од лица кои спроведуваат делови од правниот систем. Како и во повеќе наврати досега, Агенцијата посочува дека е неопходно да се овозможат услови за безбедно и професионално извршување на работните задачи на претставниците на медиумите“,
се вели во реакцијата на АВМУ.
Нападот на Салиу вчера го осуди и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Оттаму посочија дека нападот, кој го оценија за скандалозен, следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката Јакимовска од страна на „Портал икс“ и Салиу, кој вчера при земање изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката, но и скршен микрофон од неговата опрема.
Во меѓувреме, од Јавното обвинителство на РСМ вчера информираа дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево е известен за настанот оти се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот.