Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) со мониторингот на изборното медиумско претставување од кампањата за предвремените парламентарни избори 2020 година повторно констатираше дека одредени телевизии емитуваат платено политичко рекламирање (ППР) во кое има малолетници, што е спротивно на член 76 став 3 од Изборниот законик.
Од Агенцијата најавија дека од утре секое емитување на вакви спотови во кое има малолетници ќе биде предмет на прекршочна постапка.
Исто така, АВМУ ги повикуваат учесниците во изборната кампања да го усогласат нивното платено политичко рекламирање со законите.
Пред 5 дена АВМУ ги предупреди радиодифузерите да не емитуваат вакви спотови откако и првата детска амбасада „Меѓаши“ ја осуди политичката злоупотреба на деца за медиумски кампањи, реагирајќи по пријава поднесена за рекламен спот на ДУИ, објавен на социјалните мрежи пред две недели, во кој како што велат, децата се претставени како главен мотиватор за политички одлуки што не ги разбираат.
