Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува попречувањето на новинарската екипа на ТВ Телма при нејзиното известување за вчерашната седница на Судскиот совет на која учествуваа и експерти на оценувачката мисија на Европската Унија. Работа на медиумските работници е да известуваат секогаш и од секаде, а обврска на институциите е тоа право да не им го попречува со цел да се заштити слободата на известување и јавно информирање, велат од АВМУ.
„На новинарите и медиумските екипи треба да им се овозможи слободен пристап до сите настани, имајќи ја предвид нивната улога во информирањето за прашања од јавен интерес и во обезбедувањето транспарентност и одговорност на јавните органи“
се наведува во реакцијата од АВМУ.
Реакција со осуда вчера стигна и од ССНМ и ЗНМ од каде што порачаа дека припадниците на полицијата или во овој случај одговорните во Министерството за правда непотребно предизвикаа инцидент кој отвора дилеми околу желбата за транспарентност во државните органи.
ССНМ и ЗНМ реагираат и на неколкукратното легитимирање на новинарите, кое не е пракса и има димензии на понижувачки однос, а најавуваат и постапка пред внатрешната контрола на МВР, пријава за одговорните лица во Министерството за правда и во Судскиот совет, но и информирање на меѓународните новинарски асоцијации.
Инцидентот се случи кога екипата на ТВ Телма известуваше за седницата на Судскиот совет, со вклучување во живо во вестите, додека лица на обезбедувањето со постојано дофрлање се обидувале да го прекинат новинарот.
Како што јави ТВ Телма, откако директното вклучување беше прекинато, од нивниот новинар и снимател кои ја следеа седницата, било побарано да се легитимираат, иако тоа веќе го сториле пред да влезат во објектот, приложувајќи личен документ.