Како што информираат од Агенцијата, условите што треба да ги исполнат издавачите на онлајн медиуми – интернет-портали за да бидат впишани во Регистарот се утврдени во член 5 од Правилникот
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги повикува издавачите на онлајн медиумите – интернет-портали да поднесат пријава за упис во регистар откако денеска го донесе Правилникот за формата и содржината на пријавата за упис во истиот.

„На 23 седница, одржана на 05.06.2025 година, Агенцијата го донесе Правилникот за формата и содржината на пријавата за упис во регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали и за начинот на водење на регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали“,
се вели во соопштението од АВМУ.
Како што информираат од Агенцијата, условите што треба да ги исполнат издавачите на онлајн медиуми – интернет-портали за да бидат впишани во Регистарот се утврдени во член 5 од Правилникот.
Правилникот и Пријавата се објавени на веб-страницата www.avmu.mk, во банерот онлајн медиуми – интернет-портали.
Ваквите новини доаѓаат откако Собранието на 22 април ги донесе измените и дополнувањата на Законот за медиуми.
Измените на Законот носат новини во секторот медиуми, пред сè, со вбројување на онлајн медиумите, односно интернет-порталите, меѓу медиумите.
Со тоа, сите портали што сакаат да се идентификуваат како медиуми ќе мора да влезат во регистар што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Измените предвидуваат дека Регистарот на издавачи на онлајн медиуми – интернет-портали се води во
електронска форма и содржи податоци за:
- фирмата и седиштето, односно назив и адреса на издавачот на онлајн медиум –
интернет-портал; - име и презиме на одговорното лице на издавачот на онлајн медиум – интернет-портал;
- името на онлајн медиумот – интернет-порталот;
- интернет адреса на онлајн медиумот – интернет-порталот и
- регистрантот на македонскиот .мк или .мкд интернет-домен.
Засега не се предвидени некакви поволности за интернет-порталите што ќе бидат дел од Регистарот, иако повеќепати и јавно се зборуваше дека со измени на Изборниот законик треба да се предвиди дека само тие ќе може да се пријават за платено политичко рекламирање за време на избори. Се споменуваат и потенцијални субвенции од државниот буџет по примерот за други видови медиуми.