Агенцијата за аудио и аудиовиозуелни медиумски услуги (АВМУ) ги осудува заканите што вчера беа упатени кон новинарската екипа на ТВ Клан во Кумановско и потсетува дека ваквите појави претставуваат загрозување на слободата на информирање.
„Агенцијата во повеќе наврати досега реагираше дека безбедноста на медиумските работници во ниту еден момент не смее да биде загрозена. Токму затоа, треба да се вложат максимални напори за да се креираат услови за медиумите професионално да си ја вршат работата, ослободени од закани и притисоци“,
се вели во соопштението од АВМУ, од каде апелираат да се остават новинарите непречено и достоинствено да ја вршат својата професија.
Вчера Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побара од Министерството за внатрешни работи итно да го идентификува лицето кое им се заканило на новинарите и да поднесе соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство.

Новинарот Фуркан Салиу и снимателот Ибрахим Мамути од ТВ Клан биле цел на закани за време на теренска работа кога снимиле поголема група на мигранти во регионот на село Ваксинце.
Откако ја направиле снимката, тие со автомобил се упатиле назад кон Скопје, по што еден автомобил со кумановска регистарски таблички им го пресекол патот, а од него излегол човек кој директно им се заканил на новинарите и побарал од нив да ги избришат снимките и да не ги објавуваат.
