Ваквиот начин на финансирање отвора простор за директно нарушување на независноста и уредувачката самостојност на медиумите, и може да доведе до коруптивни практики
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека користењето буџетски средства за промовирање активности на локалната власт е во спротивност со член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Реакцијата на АВМУ следува по информациите дека Град Скопје склучил договор вреден околу 5 милиони денари за промоција на кампањи за посебни активности на Град Скопје преку маркетинг-агенција.
„И во оваа пригода, како и во повеќе претходни наврати, потенцираме дека средствата на даночните обврзници не смеат да се користат за рекламирање на власта, на кое било ниво, преку приватни радиодифузери. Ваквиот начин на финансирање отвора простор за директно нарушување на независноста и уредувачката самостојност на медиумите, и може да доведе до коруптивни практики“,
наведуваат од АВМУ.
Претходно и Здружението на новинарите на Македонија укажа дека со ваквиот начин на финансирање на медиуми Градот Скопје го прекршува мораториумот за забрана на јавни кампањи во приватни медиуми и директно го прекршува членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за забрана за рекламирање, како и Одлуката на владата за забрана за рекламирање во традиционалните и онлајн медиуми од 2017 година.
