Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги апелира, во ситуација на прогласена вонредна состојба, на сите медиуми – електронски, печатени и онлајн медиуми, да им се обезбеди еднаков пристап за известување.

„Имајќи ја предвид неопходноста граѓаните да бидат навремено, објективно и сестрано информирани за превенцијата од ширењето на коронавирусот и мерките коишто надлежните институции ги преземаат, институциите треба да вложат максимални напори во насока на што поинклузивно и потранспарентно работење. Во овој контекст, ја повикуваме Владата и државните органи да овозможат пристап на сите медиуми на своите прес-коференции и слични настани и одговорите на сите неодговорени прашања поставени на прес-конференцииите да бидат објавени на нивните веб-страници“,
се вели во соопштението од АВМУ
Истовремено, Агенцијата порачува дека сите медиуми треба да известуваат професионално, одговорно и без сензационализам, а онлајн медиумите да имаат објавено импресум, име на авторот на текстот и податоци за сопственоста.