Операторот ТАВ Македонија информира дека и покрај прекините, аеродромот останува отворен и капацитетите се во функција

Авиосообраќајот на меѓународниот аеродром „Скопје“ постепено се нормализира по серијата откажувања и пренасочувања предизвикани од густата магла во изминатите 24 часа. Операторот ТАВ Македонија информира дека и покрај прекините, аеродромот останува отворен и капацитетите се во функција.
Во периодот од синоќа од 20 часот до денеска напладне, реализирани се 27 летови. Сепак, поради намалената видливост, вкупно осум лета биле откажани, а еден е пренасочен.
Во пристигнување биле откажани летовите од Белград и два од Истанбул од кои едниот е од истанбулскиот аеродром „Сабиха Гокчен“.
Од скопскиот аеродром не заминале летовите за Цирих, Белград, Атина, Истанбул и за „Сабиха Гокчен“.
Од ТАВ Македонија велат дека пренасочен бил летот од Франкфурт-Хан.
Од ТАВ Македонија нагласуваат дека аеродромскиот персонал и опремата работат деноноќно. Сепак, бидејќи временските услови се променливи, а секоја авиокомпанија има специфични безбедносни процедури за слетување во услови на магла, патниците се советуваат постојано да ги проверуваат своите летови.
„Апелираме патниците да ги следат информациите од своите авиокомпании“, наведуваат од ТАВ.
Ажурирани информации околу распоредот на летање од ТАВ Македонија велат дека патниците може да добијат на веб-страницата: skp.airports.com.mk, на телефонскиот број: +389 2 3148 333 и на инфо-пултот во самата терминална зграда на аеродромот.
