Во авионот на „Ер Србија“ има вкупно 133 патници, од кои повеќето се државјани на Северна Македонија, а има и државјани на Србија и Црна Гора, кои ќе го продолжат патувањето од Скопје до Белград

Со мало задоцнување полетаа патниците од аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив кои се пријавија на повикот за евакуација и репатријација во Северна Македонија, велат од Министерството за надворешни работи за МИА.
Се очекува тие да пристигнат на Меѓународниот аеродром „Скопје“ околу 16 часот.
Во авионот на „Ер Србија“ има вкупно 133 патници, од кои повеќето се државјани на Северна Македонија, а има и државјани на Србија и Црна Гора, кои ќе го продолжат патувањето од Скопје до Белград.
Српските медиуми објавија видео од авионот пред полетувањето.
На видеото се гледа дека авионот бил полн, а Душан Вујовиќ, конзул на српската амбасада во Израел, им посака на сите патници да се видат во „подобри услови“.
„Драги пријатели, се качи и последниот патник. Ви посакувам сè најдобро, убав пат. Ве поздравувам пред амбасадите на Србија, Северна Македонија, деловниот конзулат на Црна Гора и Амбасадата на Албанија од моите драги колеги кои сето ова го организираа на терен. Прво летате за Скопје, па за Белград, чувајте се и се надевам дека ќе се видиме во подобри времиња. Сè најдобро уште еднаш“,
рече Вујовиќ, на што патниците одговорија со извици „Да живее Србија“.
Инаку, Владата вчера соопшти дека ги сноси сите трошоци за летот.
„Во услови на целосно откажани летови и блокиран авиопревоз со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет беше надминат со соработка со ’Ер Србија’ за превоз на граѓаните кои побараа помош“,
се наведува во официјалното соопштение.