Тенискиот турнир се смета како работен простор за кој важат новите ограничувања поради ширењето на британскиот сој на коронавирусот
Мелбурн ќе воведе петдневно брзо „заклучување“ поради коронавирусот, а поголемиот дел од тенискиот турнир Аустралиан опен ќе продолжи без присуство на публика.
Во најновото жариште на ковид-19, во карантински хотел во Мелбурн, главниот град на австралиската држава Викторија, се регистрирани 13 нови случаи на зараза од вчера на полноќ, а властите се трудат брзо да го спречат ширењето на вирусот, за кој е потврдено дека е позаразниот британски сој.
Премиерот на Викторија, Дениел Ендруз, најави карантин во државата од денеска на полноќ, со што се забрануваат јавни собири, домашни забави, венчавки и верски собири.
Во врска со Отвореното првенство на Австралија, кое трае до 21 февруари, Ендруз истакна дека тенискиот турнир се смета како работен простор за кој важат новите ограничувања.
„Нема публика. Нема метеж. Само минимален број персонал, за да може безбедно да се работи. Овие луѓе се всушност на своето работно место“,
порача премиерот на Викторија.