Еден од највпечатливите разговори се случил на 30 август 2024 година, само еден час откако Сијарто се вратил од Санкт Петербург во Будимпешта. Добил повик од неговиот руски колега, Лавров кој го прашува каде е, а откако Сијарто му вели дека пристигнал во Будимпешта му вели дека е цитиран низ сите руски медиуми. Сепак, причината за повикот на Лавров е со причина, односно со барање од рускиот олигарх Алишер Усманов за неговата сестра, Гулбахор Исмаилова, да биде отстранета од списокот на санкции на ЕУ
Директни телефонски разговори меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, покажуваат колку длабоко Будимпешта работела за интересите на Москва во рамки на Европската Унија. Ова е дел од анализата на транскриптите и аудио снимките од разговорите објавена на истражувачкиот портал „Инсајдер“, реализирана со партнерски редакции.
Истражувањето укажува дека имало координација и усогласување на позиции што оделе во прилог на руската политика, истовремено отварајќи сериозни прашања за улогата на Унгарија во европските институции.

Во разговорите, според „Инсајдер“ се слуша како Сијарто им пренесува доверливи информации од Брисел на Русите и вели дека прави сѐ што може за да го блокира пакетот санкции на ЕУ, нудејќи помош за да ги спаси руските компании од европските санкции. Истовремено, додавајќи и дека владата на Словачка, исто така, помага во координираните руско-унгарски напори.
Материјалите укажуваат на тоа дека Сијарто дејствувал во име на Москва, вклучително и во обиди за отстранување на санкционираните олигарси од листите на санкции на Европската Унија, вклучувајќи ја и сестрата на рускиот милијардер Алишер Усманов.
Лавров: Се јавувам по барање на Алишер
Еден од највпечатливите разговори се случил на 30 август 2024 година, само еден час откако Сијарто се вратил од Санкт Петербург во Будимпешта. Добил повик од неговиот руски колега Лавров, кој го прашува каде е, а откако Сијарто му открива дека веќе пристигнал во Будимпешта, додава дека е цитиран низ сите руски медиуми.
„Дали реков нешто погрешно?“,
прашува Сијарто.
Лавров му дава негативен одговор, додавајќи дека медиумите пишуваат оти прагматично се бори за интересите на неговата земја.
Сепак, причината за повикот на Лавров е барање од рускиот олигарх Алишер Усманов, со цел неговата сестра, Гулбахор Исмаилова, да биде отстранета од списокот на санкции на ЕУ.
Усманов е руско-узбекистански тајкун кој го стекнал своето богатство во рударството, индустријата, телекомуникациите и медиумите. Важи за еден од омилените бизнисмени на Путин, со кого има особено блиски врски.
„Слушајте, се јавувам по барање на Алишер. Ме замоли да ве потсетам да направите нешто во врска со неговата сестра“,
рече Лавров.
На тоа Сијарто одговара потврдно, со насока дека заедно со Словаците поднесуваат предлог до Европската Унија за нејзино отстранување од листата.
„Ќе го поднесеме следната недела и бидејќи ќе започне новиот период на преглед, тој ќе биде ставен на дневен ред и ќе направиме сѐ што можеме за да ја отстраниме“,
вели Сијарто.
Лавров потоа му изразува благодарност на Сијарто за, како што рече, поддршката и борбата за еднаквост во сите области.
Откако главната цел на разговорот беше постигната, Лавров и Сијарто го продолжуваат разговорот критикувајќи ја Европската Унија, особено земјите што ја поддржуваат Украина.
И двајцата го критикуваат тогашниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Лавров го нарече најголемо разочарување, додека Скијарто потсмевачки го опишува како европскиот Бајден.
Кон крајот на разговорот, Сијарто го пофали новото седиште на „Гаспром“ што го посети во Русија и му рече на Лавров:
„Секогаш ви стојам на располагање“.
Седум месеци подоцна, Исмаилова е отстранета од списокот на санкции на ЕУ.
Унгарскиот Ким Филби
Порталот „Инсајдер“, кој ги објави транскриптите наведува дека овие разговори за првпат го документираат степенот на блискост помеѓу Сијарто и Лавров.
Од разговорите се слуша и дека освен што го прави тоа што ќе го побара од него, Сијарто исто така, рутински му ги раскажува на Лавров и деталите од состаноците на европските министри за надворешни работи.
На пример, на 30 август 2024 година, тој му ги пренел деталите од состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Така, Сијарто во разговорот со Лавров се осврнува и на дебатата со тогашниот литвански министер Габриелиус Ландсбергис.
„Беше лудо кога Ландсбергис рече дека финансираме 12 отсто од ракетите. Му реков пријателе мој, грешиш – сите Европејци финансираат повеќе, не само ние, Словаците, туку и вие што купувате руска енергија преку Индија и Казахстан“,
му раскажува Сијарто на Лавров.
Ландсбергис подоцна ја потврди автентичноста на разговорот и рече дека ЕУ има крт, споредувајќи го Сијарто со Ким Филби, озлогласен советски шпион од Студената војна.
„Инсајдер“ пишува и дека Унгарија и Словачка редовно го уценувале Брисел со блокада на продолжувањето на целиот пакет санкции за да симнат од листата одредени руски имиња.
Меѓу нив беа Вјачеслав Моше Кантор, Михаил Дегтјарев, Никита Мазепин, мајката на Евгениј Пригожин, па дури и патријархот Кирил.
Моќен сојузник надвор од ЕУ, исто така, помогнал во таа операција.
На почетокот на март, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган испратил писмо до словачкиот премиер Роберт Фицо во кое го нарече Усманов за драг пријател и го опишал како транспарентен и добронамерен човек.
Според „Инсајдер“, Словачка формално го поднела писмото со кое барала Усманов да биде отстранет од листата, а дека Унгарија го поддржувала и него и милијардерот Михаил Фридман.
Појасно е зошто Унгарците со години ги одложуваат санкциите
Според анализата, сето ова фрла нова светлина врз долгогодишната суспензија на европските санкции од страна на Унгарија. Уште во 2022 година, Будимпешта го држеше целиот шести пакет санкции како заложник сè додека патријархот Кирил не беше отстранет од листата. Подоцна ги блокираше обидите за санкционирање на руски милијардери поврзани со воената индустрија, а на почетокот на 2026 година дури и стави вето на целиот 20-ти пакет санкции.
„Инсајдер“ потсетува дека „Вашингтон пост“ и „Политико“ претходно објавија дека Унгарија речиси во реално време ѝ пренесува на Москва што се зборува на состаноците на ЕУ, и дека поради ова, Брисел почна да го ограничува протокот на доверливи материјали во Будимпешта и да одржува состаноци во потесен формат.
Полскиот премиер Доналд Туск рече дека ваквите вести воопшто не го изненадуваат и призна дека со години на состаноците го кажувал само она што морал.
Сијарто тврди дека станува збор за лажни вести
Унгарската влада ова го отфрли како проукраинска пропаганда, а Сијарто тврдеше дека приказните за протекување информации се лажни вести.
Но, ниту тој, ниту Лавров не одговорија на прашањата на новинарите за оваа истрага.
Во меѓувреме, на предизборен митинг, Сијарто беше исвиркан со извици дека е предавник и руски шпион, на што тој возврати дека без руската нафта и гас, сите ќе мора да платат трипати повеќе.
„Инсајдер“ заклучува дека она што почнало како повремено унгарско вето по целосната инвазија на Украина од страна на Русија се претворило во систематска, речиси институционализирана лобистичка кампања за луѓе и компании блиски до Кремљ.
