Во текот на расправата, пратениците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложила партиски кадар за претседател на РКЕ, додека од владејачкото мнозинство посочија дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на позицијата
Со 68 гласа „за“ и 15 „против“ Собранието денеска го избра Ацо Ристов за нов претседател на Регулаторната комиисја за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Тој доаѓа на местото на Марко Бислимоски, кој поднесе оставка од функцијата во февруари годинава.

Во текот на расправата, пратениците од опозицијата оценија дека ВМРО-ДПМНЕ предложила партиски кадар за претседател на РКЕ, додека од владејачкото мнозинство посочија дека Ристов ги исполнува условите и оти со своето искуство, знаење и авторитет заслужува да биде на позицијата.
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, рече дека Ристов не може да биде независен во раководењето на РКЕ, зашто е близок соработник на премиерот Христијан Мицкоски.
Најави дека ќе го оспори назначувањето на Ристов со формална претставка до Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) затоа што смета дека со тоа се нарушуваат нејзините критериуми, оти тој не е независен, туку директно политички кадар на владејачката партија.
Пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Митко Трајчулевски, рече дека Ристов е поранешен градоначалник и оти доаѓа од бизнис-секторот како сопственик на мали хидроцентрали, од што се откажува пред да конкурира за позицијата во РКЕ.
„Освен формално-правни работи треба да имаме и етика и морал. Зад него секогаш ќе стои сенката на поврзаност со бизнис-интереси. Назначувањето ќе отвори сериозни дилеми и загриженост и кај нашите меѓународни партнери и кај ЕЕЗ“,
рече тој.
Бојан Стојановски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочи дека ставовите на опозицијата не одат во насока на тоа дали кандидатот е квалитетен или не, додавајќи дека претседател на РКЕ се бира исклучиво според Законот за енергетика, а токму Ристов ги исполнува сите можни критериуми наведени во него.
„Ристов и тоа како заслужува да биде претседател на РКЕ. Има три децении искуство, има знаење, докажан е во работењето и има општествен авторитет. Предлагаме лица кои со квалитет и со соодветно образование ги исполнуваат законските услови“,
кажа пратеникот.
Ристов е дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи.
Тој по потекло е од Радовиш, а во периодот од ноември 2021 година до октомври 2025 година ја извршувал и функцијата градоначалник на Радовиш.
Поранешниот претседател на РКЕ, Марко Бислимоски, поднесе оставка од функцијата на 12 февруари годинава.
