Грција задутре отвора седум гранични премини на копнените граници со Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Турција, соопшти портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави МИА од Атина.
Во однос на нашата земја, како што и беше претходно најавено, ќе биде отворен само граничниот премин Евзони (Богородица), додека пак кон останатите три земји отворени ќе бидат по два гранични премини.
„Од задутре, ќе биде дозволено и пристигнување на бродови од странство на грчките пристаништа. Во исто време, се отвораат точките за влез на Евзони, Какавиа, Кристалопиги, Промахонас, Нимфеа, Кастањес и Кипи. Владата продолжува да се подготвува за да обезбеди максимална можна заштита на здравјето на работниците во секторот, на жителите на туристичките дестинации и секако на нашите посетители“,
рече Пецас.
Сепак, во однос на влезот во Грција на државјани од трети земји, портпаролот на грчката Влада, на брифингот со новинарите објасни дека ги очекуваат одлуките од Европската Унија. Рече дека станува збор за тешка дискусија и потребно е да се согласат сите земји, но истакна дека доколку не се постигне договор на европско ниво, Грција ќе ја соопшти нејзината позиција.
„За среќа, во фаза сме во која постои листа на земји што по писмена процедура се испраќа до државите членки за до утре да имаме финализирање на оваа листа на земји. Во секој случај, ако не постои договор на европско ниво, најдоцна до утре ќе ја знаете позицијата на Грција, бидејќи од 1 јули ги отвораме сите наши порти за светот“,
објасни Пецас.
По денешната средба во владата, одлучлено е во однос на трети земји, вон Европската унија, Грција има цел да се придржува кон каталогот составен од ЕУ, додека, пак, до 15 јули нема да бидат дозволени директни летови од Велика Британија и Шведска.
Мицотакис посочил дека „целиот процес на отворање е динамичен и континуирано ќе се оценуваат податоците“.
Станало збор за начините на кои ќе се спроведува тестирањето на посетителите, за протоколите, како и за задолжителната обврска на туристите, 48 часа пред пристигнувањето во Грција да го имаат пополнето специјалниот образец.
Заедничка констатација, како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, било дека е направена правилна подготовка на сите нивоа, за да постои максимална безбедност и за посетителите и за локалното население.