Фармацевтската компанија „Астра Зенека“ соопшти дека огромните количини на нејзината вакцина пронајдени денеска за време на инспекцијата на една фабрика во Италија се наменети за земјите од Европската Унија и како донација за сиромашните држави во рамките на КОВАКС механизмот, со кој раководи Светската здравствена организација.
Оттаму велат во фабриката имало 13 милиони дози кои чекале потврда за извршена контрола на квалитетот и биле наменети за земјите кои се снабдуваат преку КОВАКС механизмот.
„Тие беа произведени надвор од ЕУ и во оваа фабрика требаше да бидат наполнети во шишенца. Процесот на производство е сложен и трае долго. Дозите требаше да добијат сертификат за квалитет и по полнењето да им бидат дистрибуирани на земјите со ниски и средни приходи, преку КОВАКС механизмот“,
велат од компанијата.
Останатите 16 милиони дози исто така чекале потврда за контрола на квалитетот и биле наменети за европските земји. Од нив, првите 10 милиона било планирано, според брзината на процедурите да стасаат до членките на ЕУ во текот на последната недела од овој месец, а останатите на почетокот на април.
„Не е точно дека тие сме ги чувале како резерва“,
појаснуваат од „Астра Зенека“.
На барање на Европската комисија, италијанските карабиниери денеска упаднаа во фабриката Каталент во местото Анањи во близина на Рим и ја пронајдоа оваа огромна залиха на вакцини.
Италијанскиот премиер Марио Драги попладнето изјави дека вакцините се испратени во Белгија, во матичната фабрика на „Астра Зенека“, но тој не знаеше да прецизира која ќе биде нивната крајна дестинација.
Весникот „Ла Стампа“ претходно ја обвини „Астра Зенека“ дека скриените 30 милиони дози во фабриката во Италија се наменети за Велика Британија.
„Астра Зенека“ не го почитуваше договорот со ЕУ во однос на испораката на вакцини и ја преферираше Британија.
Откриеното количество е два пати поголемо од тоа што до сега го има добиено ЕУ, додека за Британија, овие дози би биле гаранција дека речиси 15 милиони нејзини жители ќе ја добиеле втората доза од вакцината.