Поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, кој повеќе од една година е во бегство, рано утринава се јавил на косовско-македонската граница при влез во земјава, по што веднаш е приведен
Артан Груби утринава се појавил на Граничниот премин „Блаце“, по што веднаш е спроведен од полицијата.

Според информации од Министерството за внатрешни работи (МВР), рано утринава во 6:10 часот на косовско-македонската граница при влез во земјава се јавил Артан Груби, кој повеќе од една година е во бегство.
Од страна на полициските службеници е лишен од слобода и е приведен за понатамошно постапување.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин ‘Блаце’, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл. 354 ст. 5 в.в. ст. 3 в.в ст. 1 в.в со чл. 22. од Кривичниот законик“,
соопштија од МВР.
Артан Груби е поранешен прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците од редовите на ДУИ. Во декември 2024 година беше ставен на т.н. „црна листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Набргу потоа тој се повлече од јавниот живот и покрај неговите тврдења дека е „чист како солза“, а откако Обвинителството отвори истрага за случајот со проневери во „ Државна лотарија“, во кој беше осомничен и Груби, тој побегна од државата. Тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските, ќе се врати дома.
Македонската полиција тогаш распиша меѓународна потерница по Артан Груби.
