Опозициската партија вели дека преку оваа, како што ја нарекува, злосторничка шема со две фирми биле испумпани и до 30 милиони евра
Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство (ЈО) да реагираат за случајот со испумпување пари од државниот буџет преку фиктивни фактури за поврат на ДДВ, а со кои се поврзани луѓе блиски до врвот на СДСМ и ДУИ, бараат од ВМРО-ДПМНЕ споделувајќи ги нивните сознанија за случајот.
„Според нашите сознанија, за кои постојат и докази преку фиктивни фактури за поврат на ДДВ од УЈП фирми блиски до СДСМ и ДУИ шемата одела со две фирми во кои едната фирма се јавувала како фиктивен побарувач на ДДВ од УЈП, а другата фирма се јавувала како должник на ДДВ во УЈП. Фирмата која е фиктивен побарувач ѝ приоѓа на фирмата која е вистински должник и со правење на договор за цесија со цел пребивање на долгот којшто реално го должи фирмата должник кон УЈП за определен надомест се оштетува буџетот и целата таа операција на оштетен буџет од тие фирми коишто се вмешани достигнува во висина и до 30 милиони евра“,
рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција.
Опозициската партија тврди дека за да успее овој, како што го нарекува, организиран грабеж потреба е деловна кооперативност и со врвот на УЈП, како на централната така и на скопската дирекција на Управата.
„Уште еднаш сакаме да ги повикаме МВР и ЈО да ја откријат оваа злосторничка шема којашто има проневерени 30-тина милиони евра од буџетот на Република Македонија и буџетот на граѓаните, и доколку не ги обелоденуваат и продолжат да ги кријат, тоа ќе го стори ВМРО-ДПМНЕ, а по промена на власта одговорност за овој и за сите други криминални случаи ќе има буквално за сите, и никој нема да биде спасен“,
рече Арсовски.