„Нека ви се честито дивоградбите. Ликов многу сака да прави нарачки против мене, а не му е јасно дека да организира многу напади врз мене некој што нема намера да работи чесно, не е баш паметно“, вели сè уште актуелната градоначалничка на Град Скопје
Сè уште актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, ја прокоментира фотографијата на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, која тој ја објави вчера обзнанувајќи дека добил поддршка за вториот изборен круг од Изет Меџити и од Башким Бакиу од ВЛЕН.

„Нека ви се честито дивоградбите. Ликов многу сака да прави нарачки против мене, а не му е јасно дека да организира многу напади врз мене некој што нема намера да работи чесно, не е баш паметно“,
пишува Арсовска во објавата на Фејсбук.
Таа ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, кои имаа мнозинство и во досегашниот состав на Советот на Град Скопје, дека можеле да изгласаат секаква одлука, но дека не сакале и терале инает.
„ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се власт во град Скопје четири години. Можеа сѐ да изгласаат во Советот каде се мнозинство, но не сакаа. Не дозволија нова механизација во Комунална хигиена Скопје. Не дозволија да има вработени чистачи и управувачи со механизација во Комунална хигиена Скопје. Со своите членови на Управен одбор четири години го управуваат Комунална хигиена Скопје. ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН четири години го управуваат ЈСП, четири години ги управуваат СИТЕ јавни претпријатија, јавни установи и училишта“,
додава Арсовска.
Во однос на генералката на Скопје што Ѓорѓиевски ја најавува во првите 72 часа по преземањето на функцијата, Арсовска вели оти треба да се обрати кај претседателката на Управниот одбор на Комунална хигиена, Јулијана Спировска, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што вели, го управува КХС изминатите четири години.
„Сега ќе го исчистеле за 72 часа. Нормално дечко дека ќе го исчистите, затоа што од инат го правите хаосот, ти кога ќе дојдеш да си многу успешен и способен за 72 часа со чистење ѓубре, за да можеш на висинското ѓубре да му го криеш криминалот и да си продолжите со дивоградбите“,
додава Арсовска во објавата.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вчера објави заедничка фотографија со новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и кандидатот за градоначалник на Скопје од ВЛЕН, Башким Бакиу, и соопшти дека добил поддршка од нив за вториот изборен круг за градоначалник на главниот град.