Кандидатката вели дека на „зелена линија“ граѓаните ќе може да пријавуваат загадувачи, а инспекторите без одложување ќе преземаат акција
Гасификација, садење на 100 000 дрвја секоја година, чистење на дивите депонии, бесплатен и еколошки јавен превоз, се дел од ветувањата кои денеска ги даде независната кандидатка за градоначалничка на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, во рамки на изборната кампања за вториот круг од локалните избори.
„Уште во првите 82 дена од мандатот ќе ги исчистиме дивите депонии каде се согорува опасен отпад. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз, а со бесплатниот и квалитетен јавен превоз се очекува намалување на користењето автомобили и сообраќајниот метеж. Ќе бидат воспоставени повеќе пешачки зони во општините, каде што пешаците и велосипедистите ќе имаат приоритет пред автомобилите. Секоја година ќе бидат засадени 100 000 нови дрвја за да го зголемиме зеленилото во градот, нема повеќе да се сечат дрвја ниту во центарот ниту на кое било друго место во градот. Ќе иницираме закон за заштита на Водно и ќе се отпочне со продолжување на жичницата“,
рече Арсовска на денешната прес-конференција.
Како едно од системските решенија таа најавува и конечна реализација на гасификацијата, како и создавање на пет нови мега-паркови.
Исто така, најавува дека ќе формира и зелен совет, а ќе се отвори и „зелена линија“ за пријавување загадувачи.
„Во програмата за модерно Скопје планирано е формирање на зелен совет со експерти за животна средина и претставници од невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа на екологијата и урбаниот хаос во Скопје. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските и интервентните тимови ќе преземат акција веднаш без одложување“,
рече Арсовска.