Таа изрази разочарување од кампањата на противниците кон неа, истакнувајќи дека никој не заслужува ваква црна кампања, да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со некого
Независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, денеска се обрати до граѓаните во врска со, како што рече, силната црна кампања против неа и нејзиното семејство.
„Еве на крајот од оваа кампања сакам да ви се обратам директно и искрено вам, дека јас, Данела Арсовска, ја побарав вашата поддршка како човек без ниту една дамка во животот и таа поддршка ја добив. Јас, за разлика од моите противници, не направив никаква негативна кампања против нив. Немам потреба од такво нешто, бидејќи локалните избори треба да бидат борба на идеи и проекти на ниво на градот. За жал, овие избори некој ги направи извор на лажни вести и црни кампањи. Најавија дека сега повторно ќе бидат предмет на напади мојот татко, мајка, сопруг и дете. Тоа е и напад врз мене како нечие дете, нечија сопруга, нечија мајка“,
рече Арсовска додавајќи дека никој не заслужува ваква црна кампања, да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со некого.
„Сега јасно и гласно кажувам – сè што кажавте досега е лага. И вие тоа го знаете, ама сакате да продолжите со вашата црна кампања бидејќи немате со што друго. Едниот мој противкандидат е познат по тоа што ги излажа скопјани и во 4 години оствари само 5% од ветените проекти. А другиот по тоа што континуирано се пазари со македонските национални интереси. Јас кажав дека лажат, побарав извинување, а добив нови напади и закани за мене и моето семејство. Сум победила многу пострашни битки во својот живот, а ќе победам и сега бидејќи не сум човек што се откажува“,
рече Арсовска.