Апелирам до надлежните институции, до Јавното обвинителство и сите оние кои сметаат дека ова е индиција за планирање на попречување на работата и прекин на водоснабдувањето да си преземат соодветни дејствија за да се спречи оваа закана да се реализира, вели градоначалничката

За прекинот на водоснабдувањето за Град Скопје, кој беше најавен од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), апелирам до надлежните институции, до Јавното обвинителство и сите оние кои сметаат дека ова е индиција за планирање на попречување на работата и прекин на водоснабдувањето да си преземат соодветни дејствија за да се спречи оваа закана да се реализира, рече градоначалничката Данела Арсовска на денешната прес-конференција.
Таа вели дека сака да ги смири граѓаните дека ќе имаат континуирано, квалитетно и непречено снабдување со вода и да ги повика надлежните институции да постапуваат по допрен глас за заканата од минатата недела.
Арсовска, исто така, рече дека ги охрабрува сите синдикални организации своето право на штрајк да го практицираат и реализираат секогаш кога сметаат дека работничките права се прекршени.
„Меѓутоа, исто така, сакам да апелирам и до работниците односно до вработените во јавните претпријатија да не дозволат да бидат инструмент на неколкумина поединци кои сакаат да се вплеткуваат во политички пресметки“,
додаде Арсовска велејќи дека синдикалните организации треба да ги штитат правата на работниците, а не на неработниците.
Градоначалничката вели дека сите закани доаѓаат во момент кога е најавена департизација на администрација во градот Скопје.
„Сакам да потенцирам дека овие лица кои наводно се борат за правата на десетина вработени лица, треба да бидат доблесни и во целост да ја кажат вистината дека ова што го прават, а најавуваат дека ќе го прават во сите други претпријатија, не е борба за работнички права“,
порача Арсовска.
Таа додаде дека „Водовод и канализација“, претпријатие кое има над 1 250 вработени, во изминатите 30 години е претворено во биро за вработување на политичките партии. Од оваа причина, додаде Арсовска, најавена е оптимизација на работните процеси и преквалификација и доквалификација, со тоа што повеќе нема да можат да не одат на работа и да земаат плата или, пак, да одат на работа, да не работат и да земаат плата од 60 000 или 40 000 денари и да го оштетуваат буџетот.
„Важно е да се напомене дека поради тоа што се претвори во биро за вработување, ‘Водовод и канализација’ не ги врши основните функции, а тоа е да инвестира во инфраструктура. Немаме водоводџии и технички персонал, а има огромен број вработени во администрација“,
нагласи Арсовска додавајќи дека се ангажирале надворешни фирми и се плаќале да вршат работи кои треба да ги работи „Водовод и канализација“.
ССМ во петокот побара Арсовска итно да го резреши в. д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Марјан Митовски, оти ги малтретирал и деградирал вработените, во спротивно градот ќе остане без вода како што во четвртокот остана без јавен превоз.