Срамно е да плаче на прес-конференции и да се жали, наместо тоа, нека остане барем на едно ветување дадено пред јавноста – овој пат наместо да глуми храброст пред камери, нека ја докаже, вели Арсовска за градоначалникот на Кисела Вода

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, преку писмено соопштение испратено до медиумите, реагираше на денешната прес-конференција на градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој рече дека таа нема надлежност да му пише казна од 90 000 евра за истурање ѓубре пред портите на депонијата „Дрисла“.
„Градоначалникот на општина Кисела Вода, кој освен што е функционално неписмен, нема ниту основна култура на однесување. Имено, имотот на парцелата на ЈП ’Дрисла‘ е во сопственост и основана од страна на Советот на Град Скопје е во директна надлежност на Градот Скопје. Оттука, произлегува дека т.н. ’правен тим‘ на Ѓорѓиевски е значително помалку едуциран за проблематиката за која е советуван градоначалникот. Негов е проблемот, пак, што ја прифатил ваквата сугестија. Она што ме радува од прес-конференцијата на Ѓорѓиевски е фактот што тој денес призна дека токму ВМРО-ДПМНЕ, во содејство со отпадници од владејачките ДУИ и СДСМ, е организатор на блокадата на работата на ’Комунална хигиена‘ Скопје“,
вели Арсовска.
Општина Кисела Вода, тврди градоначалничката, нема никаков договор за одлагање отпад во „Дрисла“ туку барање за склучување е испратено вчера.
„Договор има компанијата ’Анизор‘ која е ангажирана преку тендер од страна на општина Кисела Вода за одлагање на отпад во ЈП ’Дрисла‘ со која никогаш немало никаков проблем. Но, би сакале да го потсетиме Ѓорѓиевски дека вечерта кога го истураше отпадот пред ЈП ’Дрисла‘ самиот изјави дека тој чин го прави под „целосна сопствена одговорност“. Оттука, срамно е да плаче на прес-конференции и да се жали, наместо тоа, нека остане барем на едно ветување дадено пред јавноста – овој пат наместо да глуми храброст пред камери, нека ја докаже“,
вели Арсовска.
Градоначалникот на Кисела Вода претходно на прес-конференција рече дека нема правна основа за казната бидејќи ѓубрето било истурено пред објект кој се наоѓа на територија на Општината Студеничани, а не во Град Скопје, што според него, значи дека Арсовска немала ингеренции за казнување за овој случај.
Ѓорѓиевски тврдеше дека за да го истурат сметот во „Дрисла“ нема потреба од никаков договор бидејќи според одлука која е донесена уште од 2005 г. сите општини се наведени дека може да одлагаат отпад со мерење на отпадот и врз основа на тоа да им се наплати, а одлуката да ги преземат работите во свои раце и да започнат со чистење на општините, ја правда со тоа што доколку градоначалниците не постапеле, градот ќе продолжел да тони во смет и здравјето на граѓаните би се довело во прашање.