Во соопштение испратено од мејл-адресата на Град Скопје, меѓу другото, се посочува дека и покрај тоа што Обвинителството досега многупати постапувало по анонимни пријави и по допрен глас за сомненија за сторени кривични дела, тоа сега не е случај
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, најави дека попладнево до Јавното обвинителство ќе ги достави сите релевантни докази кои ги поседува во врска со дивоградбите во Чаир. Ова следува откако претходно денеска Обвинителството ја повика Арсовска да соработува и да поднесе конкретни пријави за дивоградбите, по кои ќе може да се постапува и да се спречи евентуално компромитирање на доказите.

Во соопштение испратено од мејл-адресата на Град Скопје, меѓу другото, се посочува дека и покрај тоа што Обвинителството досега многупати постапувало по анонимни пријави и по допрен глас, тоа сега не е случај.
„Иако досега за милион постапки постапувале по анонимни пријави и по допрен глас, затоа што тоа им е обврска и должност, бидејќи по 10 дена повици за постапување од целата јавност, морало името на градоначалничката да го имаат и формално за дополнително да ја малтретираат институционално, наместо сторителите на кривичните дела, и да ја стават во дополнителна опасност, таа бидејќи не се плаши од Висар Ганиу и Изет Меџити, денес ќе достави документација до Јавното обвинителство во надеж дека конечно ќе се постапи со цел обезбедување на доказите кои се обидуваат да ги уништат“,
пишува во писменото соопштение од Град Скопје испратено до медиумите.
Оттаму забележуваат дека за обезбедување фалсификати како доказ во постапка, за што Обвинителството мора да постапува по службена должност и да спречи компромитирање на доказниот материјал, од Град Скопје досега е алармирано повеќепати преку јавни соопштенија.
Претходно, Јавното обвинителство ја повика градоначалничката на Град Скопје да поднесе конкретни пријави за сторени кривични дела, бидејќи како службено лице е должна да го стори истото.