Скопскиот лунапарк е затворен од 2017 година. Претходникот на Арсовска, Петре Шилегов, во март 2018 година ја стопира изградбата на лунапаркот според проектот на неговиот претходник Коце Трајановски. Шилегов во 2021 година, претставувајќи го новиот проект, најави дека Скопје ќе го добие најдобриот забавен парк во регионот кој ќе прима до 3 000 посетители дневно и ќе има 27 реквизити
Отпочнува постапката за изградба на новиот лунапарк во Скопје, информира денеска градоначалничката Данела Арсовска. Станува збор, како што рече таа, за проект изработен од претходното раководство, кој не бил завршен кога таа дошла на функцијата. Најпрво ќе се почне со постапката за обезбедување реквизити, расчистување на теренот и поставување на постаментите.
„Од претходното раководство беше отпочнато со изработка на проект, ние како што кажавме, ништо од она што било отпочнато да се прави, нема да го прекинеме. Го прифативме самиот проект. Проектот беше во завршна реализација и беше доставен до Градот Скопје дури минатиот месец од својата изработка. Тука исто така имаше и еден процес којшто како таков опфаќаше обезбедување на неопходните дозволи од страна на ресорната општина, а тоа е општината Карпош, за да може да се обезбеди и формално-правна можност таму на тоа место да се отпочне со градба“,
појасни Арсовска во изјава за медиуми.
Таа појасни дека во овој момент, откако се добиени сите документи, се отпочнува најпрвин постапката за тоа да се обезбедат дополнително бројот на реквизити, расчистување на теренот и поставување на постаментите и изградба на сето она што како инфраструктура треба да биде обезбедено за предмонтажата на реквизитите.
„Само да ги избегнеме инсинуациите, никакви други објекти, градби, згради, било што друго во тој комплекс нема, освен она што е неопходно за функционирањето на лунапаркот, а тоа се нормално билетарите, самите реквизити што треба таму да се монтираат и нормално пропратните содржини коишто се неопходни за самите жители“,
нагласи Арсовска.
Скопскиот лунапарк е затворен од 2017 година. Претходникот на Арсовска, Петре Шилегов, во март 2018 година ја стопира изградбата на лунапаркот според проектот на неговиот претходник Коце Трајановски. Шилегов тогаш рече дека дал налог да се стопираат градежните работи додека не се одлучи како ќе се продолжи бидејќи новото раководство имало нов концепт за изгледот и содржините.
Шилегов во 2021 година, претставувајќи го новиот проект, најави дека Скопје ќе го добие најдобриот забавен парк во регионот кој ќе прима до 3 000 посетители дневно и ќе има 27 реквизити.
Тој најави дека паркот ќе биде на истото место кај стариот парк „Луна“ и според проектот што го претстави, ќе има содржини за три возрасни групи деца. Шилегов тогаш рече дека паркот ќе биде изграден по сите стандарди за квалитет и безбедност, а покрај реквизитите, предвидени биле и ресторани, сувенирници, тоалети и други продавници и содржини.
